Видео проекција и дискусија со визуелниот уметник Игор Грубиќ во Музејот на современа уметност

Со почеток од 21 часот, утре, 23 јуни во Музејот на современа уметност во Скопје (МСУ), културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ организира видео проекција и дискусија со визуелниот уметник Игор Грубиќ од Хрватска.

Организаторите посочуваат дека избраните видео-дела што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката пракса на Грубиќ, односно на значајни историски настани, маргинализираните групи и невидливите херои. Како што додаваат тие, видео делата на Грубиќ се карактеризираат со афективен и емпатичен пристап, кој е длабоко хуман и честопати поетски.

„Интервенциите на Грубиќ во јавниот простор, како и видео-делата, ги истражуваат политичките ситуации од минатото и сегашноста, притоа пробивајќи го ткивото на реалноста. Критичката, социо-политички посветена практика на Грубиќ се карактеризира со долгорочен ангажман и посветеност на темите што тој ги обработува. Од длабинско истражување на судбината на историските споменици и падот на индустријата до испитување на проблемите на малцинските заедници“, стои во најавата за настанот.

Грубиќ кој учествувал на бројни меѓународни изложби е инаку еден од најистакнатите и меѓународно признати хрватски уметници.