Врсничкото насилство распространето меѓу учениците, ама малку се оние што бараат помош

Поголемиот број од основците и средношколците, односно 65% доживеале или биле сведоци на било каква форма на физичко насилство меѓу врсниците, додека уште поголем процент, околу 71% – на вербална злоупотреба. Истовремено, пак, 45% одговориле дека „секогаш“ и 40% „најчесто“ се чувствуваат безбедно во училишната средина.

Ова се резултати од студијата „За кохезивно и инклузивно општество: Холистички пристап“, под авторство на д-р Нелко Нелковски, правена со ученици од три општини: Куманово, Кисела Вода и Гази Баба.

Од една страна, истражувањето покажува дека насилството помеѓу врсниците во помала или поголема мера е секојдневна појава во школите, меѓутоа се’ уште постои стигма и еден дел од учениците, од различни причини, не се подготвени на било кој начин да го потврдат.

„Процесот на освестување и разбирање на насилството е сложен, понекогаш спор, а често е и општествено манипулиран од различни чинители, и од оние што го извршуваат и од оние кои што го третираат“, посочува авторот.

Во однос на прилично големото чувство на безбедност во училишната средина, Нелковски пишува дека „и покрај различните видови турбуленции, генералната безбедност на основните и средните училишта во земјата се’ уште е на задоволително ниво“.

На прашањето „Кои фактори мислите дека придонесуваат за насилство од врсниците во училиштата?“, мнозинството, односно 51% одговориле „притисок од врсниците“ што според авторот го потврдува трендот дека меѓусебните врснички односи се доминантна причина за ваквото насилство.

„Втор по ред е одговорот ’семејните проблеми’ со високи 41%. Соодносот на семејството и насилството, учеството на семејството во радикализацијата на поединецот како и влијанието што поединецот го има врз семејството, беа презентирани во една од обуките спроведени во овој проект. Во предавањето беше издвоена констатацијата дека коренот на насилството е во семејните односи, уште од најраната младост на неговите членови а тоа дополнително се стимулира со однесувањето на родителите, особено, ако тие на некој начин се вклучени во насилни активности кон семејството или пак во општеството, што се следи како модел од децата“, посочува авторот.

За „социјалните медиуми“ како причина за врсничкото насилство се изјасниле високи 42%, потоа 29% одговориле „несвесноста за последиците“ и 22% – „економската состојба“.

„Слабата економска состојба беше потенцирана и во истражувањето во Куманово, каде беше констатирано дека голем број на деца живеат само со еден родител, бидејќи другиот е на работа во странство и многу често децата од ваквите семејства се предизвикувачи на насилство од врсниците“, стои во истражувањето.

Понатаму, според авторот Нелковски, алармантно e тоа што само 23% одговориле потврдно на прашањето „Дали некогаш сте побарале помош во врска со насилството од врсниците“. Ова значи, многу малку се оние што бараат поддршка, а се жртви или било како засегнати од врсничко насилство.

Илустративно фото: Envato

„Во интервјуата со наставниците водени за ова истражување, беа изнесени неколку констатации: дека се’ уште не е заживеана праксата за системско, навремено и јасно артикулирање на ваквите проблеми од ученците. Иако Министерството за образование и наука има донесено Правилник (2019), тој се’ уште не е целосно искористен и нема заживеано во полн капацитет во секојдневната работа на училиштата. Исто така, во голема мера е присутен стравот на учениците од потенцијалната стигма и отфрлање од друштвото, доколку пријават насилство од врсниците, а често е присутен и стравот од реакцијата на семејството и родителите. Како причина е наведена и недоволната информираност за дејствата кој може да ги преземе жртвата или нејзините родители“, пишува Нелковски, потенцирајќи дека овој сегмент од целиот феномен има можност за сериозно подобрување и развој.

Меѓу другото, учениците биле прашани и дали „Дали мислите дека построгите дисциплински мерки можат ефективно да ги намалат инцидентите на насилството од врсниците“, на кое позитивно одговориле 71% а негативно 29%, додека пак на прашањето „Дали верувате дека промовирањето на емпатија и разбирање меѓу учениците може да помогне да се намали насилството од врсниците“, позитивно се изјасниле 79%, а негативно 21%.

„Имајќи предвид дека одговорите се дадени од млади луѓе, тинејџери од 14 до 16 години и тоа што анкетата беше анонимна, можеме да констатираме присуство на висока свест која јасно прави дистинкција помеѓу добро и лошо организиран систем на дисциплински мерки во училиштата и јасно ја потврдува потребата за промовирање и развивање на емпатијата и разбирањето помеѓу учениците. Ова е јасен показател дека во вкупната поставеност на училишниот систем има аномалии кои генерираат состојба на неказнивост, односно неефективна казнивост и недостаток на емпатија и разбирање“, стои во документот.

Во истражувањето биле вклучени и родители и наставници.

Дека врсничкото насилство е „многу распространето“ сметаат 32%, „донекаде распространето“ 57% и „не е распространето“ 12%. Ова, според Нелковски, јасно зборува за свеста на наставниците и родителите за сериозниот процент на присуство на насилството од врсниците во училиштата.

Понатаму, високи 66% забележале или се информирани за инциденти на насилство од врсниците, или екстремно насилство во училишната средина.

Илустративно фото: Envato

За оваа проблематика во истражувањето зборува и Александар Јовановиќ, Раководител на секторот за образование на Општина Куманово. Според него, денеска врз зголемување на врсничкото насилство влијаат четири причини.

„Првата е домашното воспитување на поедини ученици. Втората е пандемијата која направи учениците да бидат разделени подолг временски период, за потоа да влезат во еден процес на ресоцијализација во кој им е потребна помош на учениците. Третата е законот за основно и средно образование и четвртата е исклучувањето односно недостатокот од функционирање на триаголникот на општа комуникација: ученик-наставник-родител“, вели Јовановиќ.

Како препорака на истражувањето е да се регулира користењето телефони и средствата за масовна комуникација во сите образовни институции во земјата и да се воспостави стандард и пишани правила како да ги користат ученциите, како и мониторинг од родителите и наставниците.

Понатаму, според Нелковски, потребна е законска промена и воведување мерки против врсничкото насилство за учениците сторители, но и за родителите на учениците сторители.

„Само со сепфатен развој на вкупното општество, градење на политичка стабилност и зајакнување на економијата можно е трајно и квалитетно позитивно влијание врз младите, учениците и вкупниот едукативен процес и ова се суштински продуслови за надминување и на насилството од врсниците како нус-појава на нестабилноста на нашето општество. Децата не се неми сведоци, тие се пасивни учесници и латентни сторители на сите морални, етички и правни прекршоци кои спонтано ги посматраат, опсервираат и учествуваат во нив, низ секојдневниот живот со своите родители како и од информациите кои ги добиваат за општествените појави и односи од страна на медиумите и јавноста во земјата и во светот“, стои во делот препораки во документот.

Илустративно фото: Envato

Воедно, меѓу другите, препорачано е законски промени со кои ќе се овозможи средното образование да не биде задолжително за определени поединци, во случаи кога школувањето создава проблем и е поголема штета за самиот ученик и неговата средина. Потоа, поквалитетна застапеност на темата за врсничкото насилство во образованието, да се максимизира превенцијата на оваа појава, но и да се изработи „Национална стратегија за безбедни образовни институции – градинки, училишта, факултети“.

„Ако познатата максима гласеше ‘ако сакаш да уништиш една земја, доволно е да и го уништиш образованието’, тогаш ајде сите ние да покренеме обратен на ова процес, да си ја зајакнеме земјата преку максимално зајакнување на нашето образование и да започнеме со зајакнување на безбедноста на образовните институции како прв и фундаментален чекор во овој процес“, се вели во документот.

Инаку, истражувањето е дел од проектот „Хепи Хипо Шоу – за кохезивно и инклузивно општество“, кој е имплементиран од Театар „БОЕМИ – Скопје, а финансиран од програмата за доделување грантови на проектот „Активно вклучување и влијание на сите актери во превенција и спротивставување на насилен екстремизам во Северна Македонија”, финансиран од Европската Унија и спроведуван од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ и Здружението „Хуманост“.

Бојан Шашевски