Учениците сè помалку го сакаат училиштето

Според наодите од меѓународната СЗО студија, интересот кон училиштето на учениците од земјава долги години беше на врвот од листата на 40-ина земји од Европа, Америка, Канада и Русија. Но, резултатите покажуваат во последните 16 години учениците сè помалку го сакаат училиштето. Падот се зголемува и со возраста, и кај двата рода, за да доведе до само 29% од учениците Македонци во 2018 година да се изјаснат дека го сакаат училиштето. Во поглед на родот, девојчињата повеќе се интересираат за училиште од момчињата. Притоа, најниско имотните девојчиња – најмногу го сакаат училиштето. Приврзаноста кон училиштето е поврзано и со чувството на оптовареност со училишни задачи. Со возраста расте оптовареноста. Пооптоварени се девојчињата од момчињата, а најмногу оптоварени се ученичките од имотните семејства.  

Студијата за однесувањата поврзани со здравјето на децата од училишна возраст (ХБЦС) покажува загрижувачки резултати за социјалното здравје, поддршката на младите и нивната поврзаност со училиштето.

Лина Ќостарова Унковска

Лина Ќостарова Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција, и координатор на студијата за Северна Македонија, објаснува дека студијата која се спроведува секои четири години, на социјалното здравје гледа како на клучен ресурс на здравјето на младите. Прва е поддршката од семјеството, каде мнозинството млади во Македонија живеат со двајцата родители (88%). Децата на возраст од 11-15 години го чувствуваат семејството како грижлива средина, и лесно зборуваат со мајката и таткото на теми што ги загрижуваат. И, тука земјава доста високо котира на меѓународно ниво.

Но, од друга страна, интересот на децата кон училиштето е во слободен пад – од 70% во 2002 на 51% (во просек) во 2018 година.

„Во 2002 бевме на врвот на Европа по показателите колку децата го сакаат училиштето. Заклучивме дека тоа се должи на социјалниот аспект и вредноста што ја има дружењето со врсниците во детската социјализација. Во изминатиот период се менуваше образовниот систем, се менуваа и очекувањата од децата, притисокот за академски успех беше поставен на поинаков начин, компетитивноста ја истисна поврзаноста, солидарноста и заедништвото. Порано младите ја чувствуваа училишната средина како побезбедна и од помош, како средина што им помага да се дружат. Дружењето за нив е важно и незаменливо во развојот на адолесценцијата и социјализацијата. Тоа беше пресудно во претходните години. Но, целиот училишен амбиент, простор, и начини на социјализација меѓувремено е сменет“, нагласува таа.

Според координаторот на студијата, сега имаме училишта кои се несигурни, често насилни, како за учениците така и за кадарот, со многу промени во наставните програми, кои децата не можат, или се незаинтересирани, да ги следат. Затоа што се несоодветни, или тие за нив знаат многу повеќе од други и порелевенанти извори.

„Исто така, имаме и дистанцирани наставници, преплавени со свои грижи, застрашувани, или оптоварени со административни работи, наместо со грижа и градење релации на респект и поддршка со ученикот/ученичката. Тие се повеќе имаат проблеми со тоа како да се менаџира класот, како да се разберат младите и нивните потреби и права, и како да се одговори на предизвиците со кои се почесто се соочуваат младите. И како истовремено, да одговорат на задачите од централата, кон целиот систем што се менува. Системот постојано ги оптоварува со работи, па тие немаат доволно време да се посветат  ниту на учениците, ниту на себе“, забележува Ќостарова Унковска.

На 15-годишна возраст, само 4 од 10 момчиња, односно 3 од 4 девојчиња, сметаат дека имаат поддршка од наставниците.

Сето ова, вели таа, влијае на атмосферата на училиштето. Солидарноста и поврзаноста изоставува како вредности.

„Секој се грижи само за себе, па се создава нездрава компетитивна средина“, потенцира главниот истражувач од студијата.

Таа објаснува дека процентот за приврзаноста кон училиштето е 51%, а рангот го подигнуваат децата Албанци. Кај децата Македонци интересот е 29%.

„Имаме опаднат интерес! Практично, две од три деца Македонци не го сакаат училиштето. Тоа е многу поразително. Не треба да се учат само предмети, туку и вредности. Дополнително, албанските девојчиња најмногу го сакаат училиштето, а генерално македонските деца велат дека се пооптоварени со училишните задачи од нивните другари Албанци. Тоа е пропорционално. Колку повеќе има очекување од училиштето – толку е поголем отпорот кон училиштето“, нагласува Ќостарова Унковска.

За клиничкиот психолог е од огромно значење државата да се позанимава со вакви истражувања, од кои се добиваат валидни податоци за анализи, компарации и следења на состојбите. Па, врз основа на таквите податоци да се градат ефективни политики за младите. Според неа, нема друг начин.

„Во Македонија, нема ниту попис. Се’ е матно. Се одлучува паушално, а овие бројки даваат приоритети, каде да се почне, што да се решава. Училиштето како ресурс не е искористено. Не можете премногу да влијаете на семејствата, бидејќи се потпираат на култура, традиција и уверувања, што не се менуваат бргу. Тоа не може да се смени преку ноќ. Меѓутоа, преку училиштата, кои ги имаме на дланка, може да направиме огромни промени. Училиштето е излез. Децата да развиваат нови вредности на: солидарност, поврзаност и заедништво, што ќе им помогне да се формираат како одговорни членови на заедницата. Училштето може и треба да обезбеди простор, атмосфера на поддршка и искуства на учество во квалитетни социјални релации, кои ќе го охрабрат таквиот развој.“, потенцира Ќостарова Унковска.

Падот на интересот кон училиштето може да се анализира и преку застапеноста на малтретирањето и насилството. Според нивните пријави, учениците почесто малтретираат (секој трет, во просек) одошто се жртви на малтретирање (1 од 5).

„Дали тоа значи дека децата се потолерантни на малтетирање, кога самите се жртви?“, прашува таа, потенцирајќи дека почесто малтретираат момчињата од девојчињата.

„Малтретирањето, не го решаваат училиштата на соодветен начин, па и тоа влијае и на опаѓање на интересот на децата за училиште. Сите нееднаквости, дискриминација, насилства. Сето тоа влијае!“, забележува Ќостарова Унковска.

Во октомври 2019 година Народниот правобранител објави посебен Извештај за меѓуврсничко насилство. Како заклучок стои дека меѓу децата во основните училишта многу често има физичко, емоционално и вербално насилство.

Особено загрижува констатацијата дека нетрпеливост, омраза, љубомора и завист се најчестите причини поради кои учениците се насилни кон соучениците, од исти или други одделенија. Како и тоа што иако во помал број случаи, сепак причина за меѓуврсничко насилство се недоразбирањето и нетолерантноста кај децата, или пак социјалниот, семејниот статус, како и етничката припадност.

„Потребни се активности кои ќе му помогнат на наставниот кадар за препознавање на однесување кое штетно влијае на детето и неговиот правилен развој, одржување на работилници поврзани со (не)насилно однесување и, следствено, поттикнување на толеранција и конструктивна комуникација меѓу децата и другите чинители во образованието“, стои во истражувањето.

Во учебната 2016/2017 и 2017/18 година во основните училишта се изречени вкупно 3.254 педагошки мерки спрема ученици поради насилство. Од вкупно 17.061 одржани советувања, 570 на родител/старател се затоа што ученикот учествувал во тепачка или други форми на насилство.

190 основни училишта немаат ангажирано обезбедување. Во училиштата каде има обезбедување, трошоците најчесто се на товар на родителите.

Ива Михајловска

Кон ова се надоврзува Ива Михајловска. Таа е социјален работник, експерт во областите на социјалната заштита и застапник за унапредување на политики за млади. Според неа, насилството се раѓа во костецот на младиот човек меѓу она што го гледа како реалност околу себе, она што му се нуди, и неговата потреба.

„Па, единствен начин на комуникација му е да биде луд, бутновен, да игнорира, да биде фрустриран“, забелажува таа.

Според неа, Македонија се уште има конзервативни политики кон образованието. Тоа е една причина зошто младите мигрираат во странство. Либералните демократии, со сите свои недостатоци, вели таа, сепак им даваат можности да ги остварат интересите. Тука изоставува средина и систем да се реализираат. Затоа повеќе се поттикнати кон неформалното образование, кон невладини организации, на места каде можат да се изразат, да пишуваат, музицираат, креираат, во склоп со потребите и трендовите.

„Не сме поддржувачка средина, не прифаќаме прогресивни или понапредни. Затоа тапкаме во место, не ги прифаќаме промените и развојот што ги носи општеството“, забележува Михајловска.

Нагласува и потреба од ревизија на учебници, да се утврди што учат децата, и зошто не се компетентни на пазарот на труд. „Можеш да имаш завршено секакво образование, ама вештините или знаењата да не ти се соодветни на она што бара пазарот“, вели таа.

Споменува и се’ што се случува во однос на политика на неказнување и неодговорност, на секое насилство, било да е партнерско, меѓуврсничко, школско насилство.

„Ако системот не одговори – значи дека го толерира. Општеството има тенденција да го намали интензитетот, или да го отфрли сето тоа. Дека ‘не е страшно’. Дека ‘не се случило’, па го става ‘под чергиче’. Треба да сме свесни, да слушаме што зборуваат и бараат младите. Генерално, градиме конзервативна младина, партиска, а прогресивната ни’ бега. Потребно е давање крилја, кревање на самодовербата на младите“, констатира Михајловска.

Бојан Шашевски