Влада: Повеќе министерства со активности за превенција од насилство во училиштата

Надлежните министерства во Македонија преземаат активности во однос на превенција и заштита од каков било вид насилство во училиштата, и на државно ниво, велат од Владата за Радио МОФ. Ваквите активности доаѓаат по масовното пукање во училиште во Србија, каде ученик уби неколку соученици.

Од Владата посочија дека Министерството за внатрешни работи информирало за преземање активности во континуитет во однос на превенција и примена на протоколите за безбедносна проверка за влез и излез на учениците во училиштата и околината од училиштата. Ваквите протоколи кои се активирани по лажните дојави за бомби, сега ќе бидат засилени со дополнителни активности од страна на МВР, посочија од Владата.

„Од страна на Министерството за образование и наука е информирано дека се изготвува прирачник за училиштата за постапување по однос на превенција од врсничко насилство и други видови насилство, како и дека се работи и на зајакнување на стручните психолошко – педагошки служби, таму каде има потреба. На владината седница задолжени се Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи да изготват Стратегија за превентивни активности, со чекори на државно ниво по којашто ќе бидат задолжени да постапуваат сите училишта, со цел рана превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата и надвор од нив“, велат од Владата.

Инаку, Министерството за образование и наука заедно со надлежните институции одржуваат состаноци на кои се согледуваат потенцијалните ризици од употребата на социјалната мрежа ТикТок, какви материјали има и за начинот на употреба од учениците во основните и средните училишта, истакнаа од Владата.

„Се разгледуваат видеа преземени од апликацијата, а Министерството за внатрешни работи ќе процени дали се работи за несоодветен материјал. Ќе се анализира и начинот на користење на другите социјални мрежи, како да има ограничувања во начинот на креирање, налог, потврда на податоци, внесување на некои податоци. За сево ова ќе се разговара и со психолози, педагози, стручни лица од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и со луѓе од образовните сектори на општините“, додаваат од Владата.

Инаку, Радио МОФ претходно пишуваше во врска со најавите за регулирање и забрана за популарната социјална мрежа за споделување видеа – ТикТок. Сепак, државните институции сè уште немаат заземено консензуален конечен став по ова прашање, и покрај ставовите на официјални лица.

Тик-Так, Тик-Ток: Проструија најави за забрана на видео апликацијата, но сè уште нема консензуален став