Возачките дозволи со старото уставно име на државата наместо до денеска, ќе продолжат да важат до крајот на годината, откако Собранието денеска ги усвои измените на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Измените на законот беа предложени од група пратеници, а законот помина по скратена постапка. Претседателот на државата Стево Пендаровски сега треба да го потпише законот, па потоа тој да биде објавен во Службен весник по што ќе стапи на сила.
Ваквиот чекор следеше по вчерашното соопштение на Министерството за внатрешни работи дека возачките дозволи со старото уставно име нема да важат на територијата на земјава. По ова следуваше бура од реакции од граѓаните на социјалните мрежи.
За овој проблем реагираше и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој преку социјалната мрежа Фејсбук истакна дека е неприфатливо граѓаните кои се изложени на сопствен трошок да менуваат документи, „да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот“.
Оттука, тој побара од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање.
Инаку, вечерва на полноќ пасошите со старото уставно име престануваат да важат, додека личните карти со старото уставно име ќе продолжат да важат во државата.