Во вторник бесплатен влез во македонските музеи и локалитети

Во вторник (18 април) влезот во сите музеи и локалитети низ Македонија ќе биде бесплатен во чест на Светскиот ден на културното наследство.

„Македонската култура и уметност-богатство кое вреди да се погледне, почувствува и чува. Дојдете, посетете и истражете на 18ти април“, напиша на социјалните мрежи министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е востановен на 22-та седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1982 година. Од тогаш 18 април е ден на прославување и промоција на културното наследство, и претставува можност за подигање на свеста за неговиот диверзитет, за неговата важност и повредливост, за неговите потреби и за потребата за неговата конзервација.