Во Скопје се организира собир за солидарност со струмичани против рудникот Иловица

На 16 jуни струмичани најавија марш против отворање на рудникот Иловица. Во Скопје преку социјалните мрежи почна да се шири повик, иницијатива за собир пред Владата.

Протестниот собир ќе биде истиот ден (16 јуни) од 12 часот, како би се солидаризирале со борбата на струмичани.

„Да излеземе заедно и да ги поддржиме во нивната борба, затоа што борбата за чиста и еколошка животна средина е борба на сите нас! Отворање рудник од ваков вид, во подрачјето кое ја храни Македонија, е неправда и спрема нас, но многу повеќе спрема генерациите што доаѓаат, нашите деца кои никогаш нема да ги запознаат зелените пространства и бистрите води.. Тоа нема никогаш да ни го простат“, стои во најавата за собирот.

Во иницијативата во Скопје се вели дека веќе еднаш излегоа заедно на истото место со поддршка за иницијативата SOS Валандово, која се бореше против отворањето на рудникот Казандол.

„Казандол се затвори! Еднаш успеавме, ќе успееме повторно! За чиста и здрава животна средина! За здрави и среќни поколенија! Против рудниците на смртта!“, пишува во најавата за 16 јуни.