Во сабота отворен ден за вдомување и дружење со кучињата во ЈП „Лајка“

ЈП „Лајка“ во сабота (10 јуни) од 11 до 14 часот ги кани граѓаните на отворен ден за вдомување и дружење со кучињата од прифатилиштето.

Оттаму велат дека има околу 120 кучиња кои чекаат да си го најдат својот дом.

„Некои од нив се домашни миленици со откажана сопственост, некои напуштени на улица, но ниту едно од нив не се нашло во оваа ситуација по своја вина. Секое едно од нив заслужува еднаква шанса за дом, секое едно куче може и треба да биде домашен миленик и да си има свое семејство, тие само сакаат да припаѓаат некому и да имаат можност да даваат од својата безусловна љубов. Кучето е најдобриот пријател на човекот и верувајте дека тоа пријателство трае засекогаш. Оваа сабота ќе имате можност да се запознаете со кучињата кои чекаат да си го најдат својот дом, да прошетате во нашето прифатилиште, да се запознаете со вработените кои би Ви помогнале при изборот на вашиот нов домашен миленик и ќе ве воведат во процесот на вдомување. Да не заборавиме, секое едно вдомено куче, е едно куче помалку на улица! Вдоми, не купувај и спаси живот“, велат од ЈП „Лајка“.