Во сабота јубилеен 50. Државен натпревар по класични јазици за македонските средношколци

Во организација на здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, во сабота, (6 мај) во просториите на Факултетот од 10:30 часот, ќе се одржи јубилејниот 50. Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Северна Македонија.

Учениците ќе се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија латински и старогрчки јазик и почетно ниво здравствена струка латински јазик.

Државниот натпревар по класични јазици финансиски и организациски го поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Филозофскиот факултет, и да го посетат Археолошкиот музеј при Факултетот.

За време на натпреварите здружението „Антика вообичаено го одржува своето годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година како здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија. Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), којашто претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји, а од 2014 година е член и на меѓународната федерација на здруженија на класични филолози FIEC (The International Federation of the Societies of Classical Studies), којашто се стреми кон промовирање на истражувањата во сите полиња што се поврзани со античката грчка и римска цивилизација.

Здружението досега има реализирано повеќе проекти, научни конференции и симпозиуми, го издава електронското списание „Systasis“, и ја одржува веб страницата „Хермес: Водич за средношколско патување низ антиката“.