Во последните 20 години загинале повеќе од 1.600 новинари

Во последните 20 години, вкупно 1.657 новинари го загубиле животот поради својата работа, објави Репортери без граници (РСФ) Германија, пренесува Ал Џазира Балканс.

Повеќето од смртните случаи се убиства или платени убиства, напади, напади во воени зони или повреди. Во 95 проценти од случаите се работело за мажи.

Германскиот огранок на РСФ објави извештај по повод 20-годишнината од смртта на германскиот новинар Кристијан Либиг, кој беше убиен во ракетен напад во Ирак додека придружуваше американска единица за магазинот „Фокус“. Заедно со него загинале и неговиот шпански колега Хулио Ангвита Парадо, кој работел за „Ел Мундо“ и двајца војници.

Од 2003 година, во Ирак загинаа вкупно 300 новинари. Па така, Ирак е најопасната дестинација за новинарите во последните 20 години, поопасна од Сирија, каде загинаа 280 новинари. По нив следат Авганистан, Јемен, Палестина и Сомалија.

Во последните две децении, според РСФ, повеќе новинари загинале во области кои се сметале за мирни во споредба со воените зони.

Истражувањето на организираниот криминал и корупцијата е особено опасно во Мексико, Бразил и Колумбија.

Според РСФ, Русија сè уште е земја со најмногу убиени новинари во Европа.