Во македонски „sci-fi“ роман целосно генериран од AI, киборзи владеат со Охрид

По големата меѓупланетарна војна, човечка колонија на Марс стекна независност од Земјата и веднаш ги прекина сите врски и односи со нивната матична планета. Илјада години подоцна, Охрид добива порака од изгубената колонија, која повикува делегација на самит. Владата на Охрид одлучи да испрати мала група дипломати на оваа колонија со надеж за повторно обединување на човештвото. Во бурна ноќ, бродот што ја превезуваше делегацијата на Марс е уништен од серија експлозии. Дипломатите пристигнаа на местото на настанот и ги пронајдоја телата на делегацијата на Марс. Немаа поим што можеше да им се случи, но немаа друг избор освен да се пријават во владата на Охрид.

Вака започнува илустрираниот роман „Охридски преданија на иднината“ – македонско литературно и уметничко дело кое е целосно генерирано од страна на робот, односно вештачка интелигенција. Дополнително, делото дава одговор и на прашањето „Можат ли андроидите да сонуваат за Охрид?“.

Романот се промовираше на 16 септември во Охрид, а е изработен од страна на Анис Сефиданис, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика при УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид, во соработка со студентски тим.

Сефиданис во разговор со Радио МОФ истакнува дека решил да ги спои најновите техники на вештачката интелигенција и историјата на градот Охрид за да произведе уникатно научно фантастично дело во форма на илустриран роман.

Професорот објаснува дека во процесот на креирање на делото користел методи базирани на невронски мрежи познати како длабинско учење, каде што системот од дадено множество на податоци за градот како и примери од научно-фантастични теми, успева самостојно да креира нови концепти, односно предвидувања за градот во некоја замислена далечна иднина.

Можат ли андроидите да сонуваат за Охрид?

„Благодарение на суперкомпјутерот на компанијата NVIDIA кој го имаме во канцелариите на Сефиданис во Охрид, обучувањето на моделите за генерирање на текст како и слики од Охрид во иднината не траеше воопшто долго. При изградба на системите базирани на вештачка интелигенција, каде неопходни се големи податоци, идентификување на нивните извори, нивно предпроцесирање и соодветна припрема е долготраен и континуиран процес за што ми помогнаа моите студенти“, вели Сефиданис.

Тој дополнува дека студентите, покрај подготовката на податоците, придонеле финалниот производ да се стави на добро познатиот Тјурингов тест, а тоа подразбира евалуација на вештачката интелигенција од страна на човек.

„Во делото ‘Охридски преданија од иднината’ нема никаква човечка интервенција. Всушност тоа беше и мојот главен предизвик, да го креирам првото македонско литературно и уметничко дело кое ќе биде целосно генерирано од страна на робот, односно вештачка интелигенција“, посочува Сефиданис.

Сефиданис вели дека е повеќе задоволен од тоа како андроидите сонуваат за Охрид, дополнувајќи дека современите AI системи се фасцинантни, дури по малку и застрашувачки, бидејќи ги надминуваат границите и на нашата имагинација.

За крај, професорот открива дека моментално се работи на генерирање повеќе различни научно-фантастични сценарија поврзани со познати локалитети во државата, како и митска фантастика и други хибридни жанрови кои суперкомпјутерот сам ги креира.

„Пред да се комплетира и издаде конечната збирка, илустрираните приказни ќе можат да се читаат на страницата www.sefidanis.com“, заклучува тој.

Во претстојното издание на петочната рубрика #РаскажиМи, Радио МОФ ќе објави краток извадок од илустрираниот роман „Охридски преданија од иднината“.

#РаскажиМи: „Охридски преданија на иднината“ – „sci-fi“ роман целосно генериран од AI

Ивана Смилевска