Во Ливерпул приведени 118 активисти за заштита на животните кои се обиделе да спречат коњски трки

Десетици активисти на групата „Animal Rising“ во саботата упаднале во хиподром за коњски трки со цел да го прекинат натпреварувањето.

Најголемиот дел од нив биле спречени во обидот, а од полицијата соопштија дека приведени биле 118 лица поради предизвикување штета и нарушување на јавниот ред и мир.

Активистите сметаат дека со ваквите коњски трки се експлоатираат животните за забава и нивната цел била да спречи одржување на трката поради повреди и гинење на коњите, што често се случува на вакви настани.

Гранд Националното првенство е едно од најголемите натпревари на коњски трки на британскиот спортски календар. Се смета за еден од најопасните настани за коњите поради висината на препреките. Според Би-Би-Си во овогодишното издание на трката угинале вкупно три коњи.