Во Јапонија се дуплирал бројот на острови по пребројување на географите

Не е лесно да се води сметка за бројот на острови кои се раштркани на површина од повеќе од 370 илјади километри квадратни во земја каде редовно има вулканска активност и екстремни временски појави.

Иако Јапонија во минатото имала ситуации на појава на нови острови или пак тивко исчезнување на други, географите велат дека досегашната статистика која покажуваше дека оваа земја е составена од околу 6.000 острови е далеку од точната бројка.

Користејќи технологија за дигитално мапирање експертите наскоро и официјално ќе соопштат дека Јапонија всушност има двојно повеќе острови отколку што претходно се мислеше.

Во прво вакво истражување под 35 години, Агенцијата за геоспатиални информации на Јапонија преброиле вкупно 14.125 острови, што е за 7.273 повеќе од досегашната официјална бројка. Оваа владина агенција, која овие податоци треба да ги објави во следните неколку недели, вели дека новите информации не би требало да ја променат големината на територијата на Јапонија или територијалните води, пренесува новинската агенција Кјодо.

Агенцијата го спровела ова истражување по критики дека претходните податоци се застарени и дека бројот на острови може да биде многу поголем.

Во последното вакво пребројување, објавено во 1987 година спроведено од крајбрежната стража, биле користени хартиени мапи за регистрирање на островите кои биле дефинирани како копнени маси со обем поголем од 100 метри. Така било дојдено до претходната официјална бројка од 6.852 острови.

Во поновото истражување, властите користеле исти критериуми, но ги пребројувале островите користејќи дигитални мапи и воздушни фотографии.

Некои од 47-те префектури на Јапонија се составени од огромен број острови. Северната префектура Хокаидо, која е еден од четирите главни острови заедно со Хоншу, Шикоку и Кјуши, има дури 1.473 острови, додека Нагасаки на југозападот има 1.479.