Во Хрватска се собираат донации за отворање на кафуле во кое ќе работат само лица со Даунов синдром

Граѓаните во Хрватска преку онлајн кампања на платформата Indiegogo донираат за да помогнат во идејата да се отвори првото кафуле во земјата каде ќе работат единствено лица со Даунов синдром.

Кампањата ја започна здружението „Бубамара“ кое се грижи за лица со инвалидитет и веќе успеа да собере над 12 000 долари, надминувајќи ја планираната сума од 10 000 долари.

Дел од средствата за отворање на кафулето ги обезбеди Хрватското електростопанство, а дел ќе се обезбедат преку кампањата.

„Сакаме ‘Буда бар’ да стане место каде луѓето со инвалидитет ќе го остварат своето основно право – правото на работа. Ќе покажеме колку сме вредни и колку со својата работа можеме да придонесеме на заедницата. Поддржете не во тоа да успееме“, се вели во онлајн кампањата.

Покрај финансиската поддршка, здружението доби и огромен број на позитивни коментари. Кампањата е се уште активна, така што секој може да донира и во наредните 18 денови.