Деновиве во Германија нагло расте продажбата на светки, а вработените во забавната индустрија наголемо ги празнат продавниците за козметика како што се ближи забраната на ЕУ за продажба на микропластика, со цел да се намали загадувањето од оваа појава.
Голем дел од производите кои содржат светки ќе бидат забранети за продажба до крајот на оваа недела, 15 октомври, кога стапнува на сила новата ЕУ мерка. Поради тоа, во Германија, се јави голема побарувачка за светки.
Сем Дилан, германска пејачка ѕвезда, за локалните медиуми изјавил дека неделава бил да купи светки „на големо“, за на крај да купи 82 пакети со светки.
„Слушнав за забраната на телевизија, додека користев светки. Малку сум шокиран, во мојот свет, сѐ е со светки“, изјавил тој.
Забраната на ЕУ вклучува пластики помали од 5 милиметри кои не се разградуваат и тешко се уништуваат. Европската комисија објави за забраната минатиот месец, велејќи дека со неа ќе се намали испуштањето на 500.000 тони микропластика во животната средина.
Први производи кои се на удар на мерката се светките и пластичните конфети, кои ќе бидат забранети за продажба од 15 октомври. Производителите на слични производи ќе имаат одреден период за да се прилагодат на мерката и да најдат алтернативни решенија.
Со текот на времето, забраната ќе вклучува и продажба на грануларен материјал за полнење што се користи на вештачки спортски површини, за кои експертите велат дека е најголемиот извор на микропластика во животната средина, но и пилинзи за тело, детергенти, омекнувачи и ѓубрива кој содржат микропластика, производи за заштита на растенијата, играчки, лекови и медицински помагала.