Во 21 век пијат вода од бунари и селски чешми – системите за водоснабдување застарени и со мал капацитет

Водата од водоводот во делчевското село Стар Истевник не се пие. Во неа жителите наоѓаат песок што надоаѓа од планината. Оваа вода ја користат како техничка, а за пиење се снабдуваат од селските чешми. Проблемот настанува во лето, кога се случува да ја има само по еден час од денот. Едните ја користат за да си ги полеваат градините, други не си ги поправаат расипаните чешми по дома, за третите да останат без вода.

Борче и Симона Димитровски се меѓу ретките млади луѓе кои решија да го напуштат градот за да уживаат во селската идила. Но, уште во почетоците се соочиле со недостиг на вода. Цело време мислеле дека не доаѓа доволно вода во селскиот резервоар и дека водоводот не е добро поставен. Но, водоводот, како што забележуваат тие, има капацитет да ги снабди постојаните домаќинства во селото, кои се 20-тина на број.

Во резервоарот доаѓаат околу 90 метри кубни во период од 24 часа. Ова според Борче и Симона е повеќе од доволно да се задоволат потребите за нив и нивните соселани, но и на оние кои доаѓаат само за викенд или празници. Сепак, нерационалното искористување на водата, себичноста и ниското ниво на свест кај селаните го создава проблемот, забележуваат тие.

Проблемот со водата во ова село е стар и познат, уште пред педесетина години. Најчесто недостиг на вода се јавувал во периодот кога се одгледуваат градини и посеви.

„Водата во село Стар Истевник не се наплаќа бидејќи не е стопанисувана од јавното претпријатие. Поради тоа, селаните садат големи површини земја со култури како: грав, пченка, компир и сл. кои ги наводнуваат од водоводот. Покрај ова, на многу места има расипани чешми и вентили каде водата постојано си тече и така бадијала се испразнува резервоарот додека некои немаат вода ни раце да измијат. За предлогот да се даде водата на стопанисување на јавното претпријатие, селаните не сакаат ни да слушнат. За среќа во селото има пет селски чешми, па селаните од таму, со шишиња и туби, носат вода до своите домови за остварување на основните потреби“, ни раскажува младиот делчевски пар.

Кога решиле да живеат на село, ја повикале месната заедница на состанок за заеднички да разговараат за овој проблем и да изнајдат решение. Се организирале и работни акции за санирање на селскиот водовод. Во нив, со сопствена механизација учествувале помладите од селото и оние кои имаат потекло од таму, успевајќи да пробијат пат до зафатот и да го обноват. Помош добиле и од Општина Делчево, до која претходно доставиле официјално барање.

Фото: Акција за средување на резервоарот во С.Истевник/ Природна перспектива

Решението го гледаат во преземање на водоводната мрежа од страна на јавното претпријатие.

„Кога селаните ќе мора да платат за потрошената вода, ќе научат и да ја користат рационално и да си ги поправат чешмите. А при некаков проблем, претпријатието ќе биде одговорно и ќе знае соодветно да реагира“, посочуваат тие.

Од Општина Делчево велат дека генерално, сите села во општината имаат пристап до вода за пиење, иако се свесни проблемот што го имаат жителите на Стар Истевник. Оттаму велат дека морале во неколку наврати да интервенираат со свои екипи. Потврдуваат дека во селото има застарена разводна водоводна мрежа на која се случувале чести дефекти. Ова, како што посочуваат од Општината, е една од причините за намалено водоснабдување во критичните моменти.

„Водоснабдувањето не е уште целосно преземено за стопанисувањето од ЈКП „Брегалница“, а има и нерационална потрошувачка на вода која не се наплаќа, па повисоките делови од селото во сушниот период од годината остануваат без вода. За целосно преземање на селскиот водовод потребно е да се направи целосна реконструкција на разводната мрежа во селото и да се постават водомери“, појаснуваат од Општината.

Оттаму велат дека граѓаните претежно им реагираат за интервенции на системите за водоснабдување, поради дефекти на мрежите од застареност, но за да го сторат тоа, им и е потребна проектна документација и да најдат средства за реализација. 

60 000 граѓани сè уште пијат вода од бунар

Борче и Симона се меѓу 60.018-те граѓани на кои главен извор за вода за пиење се бунари, пумпи или селски чешми, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за периодот 2019-2020 година.

Но, според проф. д-р Михаил Кочубовски, специјалист по хигиена при Институтот за јавно здравје, оваа бројка постојано се намалува. Како причини ги наведува изградбата на нови водоводи и приклучувањето на постоечките. Влијание има и иселувањето од селата.

„Во Северна Македонија, 97 проценти од населението има пристап до безбедна вода за пиење. Тој процент е меѓу најдобрите земји во светот“, истакна тој.

Сепак, посочува дека изградбата на водоводите се врши претежно таму каде што има население, бидејќи според него, во селата што се речиси празни, е економски неисплатливо да се прави тоа.

Според податоците на Институтот, во селата кои се приклучени на градските водоводи, само 5,6 отсто од водата била бактериолошки неисправна. Веќе во селата со сопствен водовод каде се уште доста од домаќинствата не ја хлорираат водата, процентот се покачува на 32 отсто.

„Оние што не се со водовод, кои имаат бунари и кладенци, тука најмногу е бактериолошката неисправност на водата (52 проценти) и ние од Јавно здравје имаме програма со која вршиме прочистување и на приватните, индивидуални водоснабдителни објекти. Тука воопшто нема хлорирање и поради тоа (загадувањето) е повеќе од 50 отсто“, истакна Кочубовски.

За исправноста на водата во делчевскиот крај се грижи епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје Кочани, која врши редовни контроли на водата од селските чешми, но и вонредни на барање на месните заедници.

Во однос на генералната здравствената состојба на луѓето, пак, Кочубовски смирува дека ситуацијата е стабилна, односно немало зголемен случај на заболувања во изминатите години предизвикани од неисправност на водата.

Тој е уверен дека генералната слика е значително подобрена во последните 10 години. Во 2013 година била изработена база за состојбата на водоводите и заедно со министерствата за животна средина, за транспорт и врски и за локална самоуправа заеднички почнале да даваат препораки до општините. Се формирале и локални совети за јавно здравје во повеќето општини, а во секој од нив има член од Институтот за јавно здравје.

Една од првите мерки за кои се залагаат, вели Кочубовски, е редовна дезинфекција на водата во селските средини кои не се приклучени на градските водоводи.

Вообичаениот совет кој Институтот за јавно здравје го упатува на овие граѓани е да ја превриваат водата или ако се во можност да купуваат од продавница. Кочубовски е свесен дека други решенија за нив се или неизводливи или неисплатливи.

Од застарени и недоволно одржувани, до модерни водоснабдителни системи

Според Националната стратегија за води на Министерството за животна средина и просторно планирање за периодот 2011-2041,  околу 97 отсто од населението е покриено со водоводи. Но, според доцент д-р Златко Илијовски, директор на одделот за хидрогеологија при Градежниот институт Македонија, проблемот е во состојбата во која се наоѓаат овие водоснабдителни системи. Па така, додека некои се застарени, едвај функционални и недоволно одржувани, другите се нови и модерни.

Тој е уверен дека државата има доволно количина на вода за да организира и реализира квалитетно водоснабдување на целокупното населението, додека нерамномерниот распоред на ресурсот, пак, е проблем кој е решлив.

„Од таа причина ќе заклучам дека немањето или недостатокот на вода за водоснабдување на населението во Македонија од аспект на количина и квалитет не е резултат на природни фактори туку е резултат на недоволно изградени системи за водоснабдување, застареност кај системите, немање на можност за нивно одржување, негрижа, несоодветно управување, недоволно јасна законска регулатива, оносно ваквата состојба е резултат на субјективен факт, капацитети на државата, инситуциите и општините“, забележува тој.

За Илијовски, бројката од 60.000 жители, или околу 3 отсто од вкупното население во државата, кои пијат вода од бунари и селски чешми не е за потценување.

„Секако дека како статистички податок и како процент на ниво на држава не е висока бројка, но од друга гледна точка во срцето на Европа во 21 век околу 60.000 жители пијат вода од изворишта кои не задоволуваат по капацитет, но и се небезбедни за пиење, ниту биолошки ниту хемиски“, истакнува тој.

Проблематично за него е што ваквите изворишта не се предмет на редовна и плански организирана контрола на квалитетот на водата.

„Само во некои од нив се вршат повремени контоли од страна на региналните центри на институтите за јавно здравје. Оваа вода најчесто не е испавна за пиење. Кај овие бунари и извори не се врши никаков третман односно дезинфекција на водата што е задолжителна процедура за санитарна вода“, вели Илијоски.

„Исто така, дел од изградените водоводни системи не се под управување од страна на јавни комунални претпријатија туку со истите раководат локалните месни заедници. Ваквите водоснабдителни системи не се безбедни, бидејќи кај голем број од нив не се вршат редовни контроли на квалитетот на водата, или пак контолите се повремени, но има чести појави на неисправна вода“, додава тој.

Друг проблем на кој посочува Илијоски се загубите на вода во водоснабдителните системи кои како што посочува, најчесто се движат во границите од 25-40%. Како за илустрација, ваквите загуби во европските земји кај добро организирани и добро управувани вососнабдителни системи изнесуваат 6-10%, вели тој.

Недостатокот на вода не е само карактеристика за селските средини, уверува Илијоски. Ова, како што посочува, се случува и во градските средини. На пример, Тетово, Струга, Неготино и Свети Николе се само дел од градовите каде во летниот период се јавува повремен краткотраен или подолготраен недостаток на вода како резултат на мал капацитет на извориштето, големи загуби во мрежа и неконтолирано трошење на водата.

Според него, за да се подобри оваа состојба свој придонес треба да дадат самите општини. Но, иако е свесен за напорите што се прават, се согласува дека кај добар дел од општините, капацитетите и можностите за изнаоѓање на брзи и технички долгорочно издржани решенија се ограничени.

Илијоски алармира итно да се преземат соодветни мерки за зачувување на квалитетот и на подземните и површинските води во државата. Тој предупредува дека огромни резервоари на подземена вода се сериозно загрозени и се под закана од загадување. Сличен е и случајот со површинските води, вели тој.

„Сериозен проблем претставува непостоењето на прочистителни станици за отпадни води кои претставуваат голем ризик од загадување на подземните води. Постојат и многу други притисоци на квалитетот на подземните и површинските води како нерегуларни комунални депонии, индустриски депонии, историски индустриски и рударско металуршки загадувачи, отпадни води. Депонијата Југохром претставува сериозен ризик фактор и закана за загадување на водите од изворот Рашче од кој со вода се снабдува преку 90% од населението во скопскиот регион. Исто така и депонијата Вардариште, комбинатот ОХИС и други“, заклучи Илијоски.

Во иднина, очекува да се тежнее на доизградување на водоснабдителни системи за оние 60.000 жители кои не се покриени со јавен водоснабдителен систем, како и за целосно превземање на изградените водоводи од страна на Јавни комунални препријатија.

Пристап до чиста вода за пиење е загарантирано право

Општина Делчево се пофали дека спроведува капитален проект вреден 7,3 милиони швајцарски франци од кои 6 милиони се донација од Швајцарска Конфедерација преку Амбасадата на Швајцарија, а останатото е нивно учество и на Министерство за животна средина.

Со него, до март 2022 година очекуваат да го подобрат квалитетот на водата за пиење, да ја зголемат ефикасноста и модернизацијата на системот, како и да го подобрат водоснабдувањето во градот и селата.

„Во старата прочистителна станица во село Тработивиште, од каде се преработува водата за пиење за Делчево и околните села, за прв пат по 25 години се постави активен јаглен, а исто така и прв пат целосно се замени кварцниот песок со нов. Оваа инвестиција е вредна околу 11.000 евра и е на товар на Општина Делчево“, велат од Општината.

Но, правото на Борче и Симона за пристап до безбедна и чиста вода е загарантирано со Женевската конвенција од 1949 година и нејзиниот Протокол од 1977 година. На 28 јули 2010 година, пак, Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласува чистата вода за пиење и за санитарни потреби за човеково право од суштинско значење.

„Недостигот на вода е сериозен проблем. „Апсурдно е во речиси напуштено село, да не можат да се задоволат основните потребни на смешна бројка на луѓе, кога водата ја има“, забележуваат тие.

Емилија Петреска

*Со овој прилог, Радио МОФ се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје