Властите во четири земји сè уште не пријавиле инфекција со Ковид-19

Коронавирусот сè уште не е потврден само во четири од 193 земји кои се полноправни членки на Обединетите нации, а според Светската здравствена организација (СЗО), заразени има на сите континенти освен на Антарктикот, пренесува „Н1“.

Последната земја во која е регистриран вирусот е пацифичкиот остров Кирибати, едно од најизолираните места на планетата, оддалечен околу 4.800 километри од Австралија.

Најголемата држава во која, барем официјално, не е потврден ниту еден случај на коронавирус е Северна Кореја, чии власти го ставија во карантин градот Касеонг, недалеку од границата со Јужна Кореја, откако е откриено едно лице за кое се сомневаа дека е заразено со вирусот. Сепак, тие сомнежи не се потврдени, па така, Северна Кореја официјално е наведена како земја во која нема случаи на коронавирус.

Туркменистан е втората азиска земја која не потврди присуство на коронавирус, иако се граничи со Иран, каде што се регистрирани повеќе од 6.3 милиони луѓе заразени со Ковид-19 од почетокот на пандемијата, како и со Казахстан, кој има регистрирано 1.2 милиони случаи.

И покрај наводите за граѓани на Туркменистан кои имаат симптоми на коронавирус, па дури и наводни смртни случаи, тамошните власти досега не пријавиле случаи на инфекција.

Останатите две земји каде коронавирусот не е потврден се во Океанија, а најмалата од четирите земји без коронавирус е Науру, која има само 12.000 жители.

Исто така, не е регистриран случај на Ковид-19 и на островската држава Тувалу.