Владата со нов Предлог-закон – Ќе можат да се легализираат дивоградби и во заштитени подрачја

Владата вчера го презентираше новиот Предлог-закон за легализација на бесправно изградени објекти, во кој се остава можност да се легализираат дивоградбите во зоните за одржливо користење и заштитените појаси во националните паркови и заштитените подрачја низ земјава како што се дивите куќи и викендички на Попова Шапка или пак во Мавровскиот регион.

Како што соопшти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, Предлог-законот става акцент на куќите – објекти со А1 намена, додавајќи дека нема да можат да се легализираат згради и доградби на згради, не може да се легализираат помошни објекти, базени, гаражи, како и различни видови на урбана опрема. Тој дополнително информираше дека нема да можат да се легализираат и објекти кои се наоѓаат во границите на старото градско јадро на Охрид, како и објекти кои се наоѓаат во заштитените подрачја, Зона за строга заштита и Зона за активно управување.

Предлог-законот предвидува скалест начин за пресметување на надоместокот за легализација и тоа, за објект до 80 м2 висината на надоместокот се зголемува за 50% од основниот комунален трошок, а за објекти над 80м2, овој надоместок се зголемува за 100%.

Надомест за легализација на бесправни објекти нема да плаќаат социјално загрозените граѓани и лицата со приходи до 180 илјади денари нето годишен приход, со што се зголемува опфатот на граѓани кои се ослободени од овој надоместок.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се осврна на делот од новиот Предлог-закон што се однесува на заштитените подрачја.

„Со овој Закон предвидено е да не се спроведува постапка за легализација на сите видови на бесправни објекти изградени во граници на заштитено подрачје со исклучок на бесправно изградени објекти за домување, но само доколку истите во заштитеното подрачје се наоѓаат во зона на одржливо користење“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Нуредини, нагласувајќи дека за да може да се спроведе легализација на овие објекти ќе биде задолжителна согласност од Министерството за животна средина.

Собранието во мај оваа година го усвои контроверзниот закон за легализација на дивоградби, кој наиде на лавина критики од експертската јавност. Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за законот, по што Владата реши да го повлече од процедура и да го преработи.