Владата на САД службените возила ќе ги замени со електрични, Бајден најави радикална промена кон климатските промени

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека климатската криза претставува егзистенцијална закана за светот откако синоќа потпиша повеќе укази со кои демонстрираше радикална промена на политиките кон климатските промени во споредба со неговиот претходник, Доналд Трамп.

Со новите одлуки американската администрација ќе го суспендира бушењето нафта и гас на федерални површини и ќе направи ревизија на овие активности, дополнително се елиминираат субвенциите за фосилни горива и се прави замена на службените автомобили и камиони на владата со електрични возила.

„Веќе предолго чекавме за справување со климатската криза, не можеме да чекаме уште повеќе. Гледаме со нашите очи, го чувствуваме во нашите коски. Сега е време да се дејствува. Очајно ни е потребен обединет национален одговор на климатската криза, бидејќи таа постои“, рече Бајден по потпишување на претседателските укази.

Специјалниот советник за климатски прашања, Џон Кери, изјави дека планираат да воведат лимити за достигнување на заложбите од Парискиот климатски договор за намалување на стакленичките гасови до 2030 година. Тоа ќе го направат пред меѓународниот климатски самит кој ќе го организира Бајден на 22 април.

Кери објасни дека работниците биле потхранувани со лажни наративи за климатската криза.

„Тие беа хранети со претпоставки дека справувањето со климата ќе има последици. Не, нема да има“, рече Кери нагласувајќи дека ќе се отвораат работни места во секторите за обновливи извори на енергија.

Според Бајден милиони добро платени работни места треба да се отворат со инвестирањето во „чистата енергија“ како што е ветерот и сонцето.

„Ова не се некои фантазии, туку конкретни решенија. Не е време за мали мерки, мораме да бидеме храбри. Се работи за работни места, добро платени синдикални работни места. Пристапот на целата влада ќе биде да се стават климатските промени во центарот на нашите внатрешни, безбедносни и надворешни политики. Можеме да го направиме тоа, мораме да го направиме тоа и ќе го направиме“, рече Бајден.

Целиот пакет на политички одлуки е спротиставен на политиките на администрацијата на Трамп која постојано изразуваше сомнежи и ја игнорираше науката за климата. Претходната власт укина голем дел од политиките за намалување на емисиите на стакленички гасови, го поддржуваше секторот кој зависи од фосилните горива, а ја повлекоа и САД од Парискиот климатски договор.