Владата денеска формално потпиша договор за донација на 255 системи за филтрација на воздух со компанијата „Екотип“. Донацијата е во висина од 1 милион евра, а уредите ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и други критични јавни установи, каде што, велат од Владата, квалитетот на воздухот е од клучно значење.
Според владината портпаролката Марија Митева, загадувањето на воздухот останува еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици во Македонија.
„Во контекст на напорите на Владата во преземањето значајни мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот преку капитални проекти, како Влада активно работиме на долгорочни стратегии и решенија за намалување на загадувањето, преку инвестиции во одржливи енергетски решенија, зголемена контрола на емисиите и поддршка на зелени технологии. Сепак, додека спроведувањето на овие мерки бара време, ваквите брзи и ефикасни донации од приватниот сектор се од суштинско значење за заштита пред се на здравјето на граѓаните“, рече Митева.
Претставникот на „Екотип“, Ламбро Патче исто така посочи дека чистиот воздух е едно од човековите права и дел од сите меѓународни акти и конценции.
„Во таа прилика, одлучивме да донираме 1 милион евра во форма на прочистувачи за воздух, можеби една од најголемите донации во земјата. Се работи за прочистувачи за воздух од реномирниот производител ‘Ман и Хумел’, кои се со медицински стандард за заштита и филтрација и воедно се идеални за задржување на најситните честици, односно бактерии, вируси, алергени и сите останати непосакувани честици во воздухот. Идеални се за нивно пласирање во градинки, училишта, студентски домови и секако медицински центри“, рече Патче.

Фото: Влада
Сепак, тој не даде контрени податоци за каков вид на прочистувачи се работи, односно кој модел, по кој принцип тие функционираат, која е нивната моќност, зафатнина, големина и слично.
Од друга страна, упати апел до комплетната јавност и бизнис-заедница да го следат примерот на „Екотип“ и дадат свој придонес.
„Знаеме дека Владата работи на стратегии, меѓутоа за се’ е потребно време. За резултатите да ги видиме побрзо, потребно е сите да дадеме свој придонес и секако бизнис-заедницата игра клучна улога во овој дел. Апел до сите да помогнеме, затоа што на крајот на денот, сите го дишеме овој воздух“, рече тој.
Ваквата донација ја поздрави и премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така рече дека „чистиот воздух е наше заедничко право, а загадувањето предизвик кој бара обединет одговор од сите нас“.
„Оваа иницијатива не само што ќе го подобри квалитетот на воздухот во јавните установи, туку и ќе помогне во креирање на поздраво општество“, посочи Мицкоски.
Она што повеќе пати досега беше критикувано од јавноста и посебно еко-активистите, е тоа дека ваквите иницијативи се парцијални, а притоа Владата треба да посериозно да вложува и бара начини како трајно да го решава, не само да го оддолжува проблемот со надворешното аерозагадување што годишно убива по 5.000 луѓе во Македонија.
Оттука, здружените еко-иницијативи и организации преку низа протести зимава побараа од Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините. Исто така, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат.
Понатаму, меѓу другото, побараа и целосна забрана за увоз на отпад во Македонија освен отпадно железо и челик, намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили, забрана на увоз на стари возила, итна набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје, но и измени во законите за градење, за урбано зеленило и за енергетска ефикасност.
Бојан Шашевски