Влада: Има согласност да се одложи најавениот прекин на каналите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се сретна со претставници на сите оператори обединети во Здружението на информатичко-комуникациски технологии, соопштија синоќа од Влада, потенцирајќи дека има согласност да се одложи прекинот на каналите на операторите, кој беше најавен од понеделник на полноќ.

На средбата, велат од Влада, било разговарано за сите аспекти на и што произлегуваат од измените на Законот за аудио и аудивизулени и медиумски услуги.

„Констатирано е дека постојат можности да се дојде до заедничко решение во скоро време. На средбата е констатирана свесност од сите страни за решавање на прашањето, согласно интересот на државата и на граѓаните. Со оглед на можностите што се гледаат за скорешно изнаоѓање решение, има согласност да се одложи најавениот прекин на реемитување на домашните и странските телевизиски канали“, се вели во соопштението на Влада.

Инаку, операторите собрани преку Здружението, одлуката за прекин каналите ја најавија како протест против законските измените кои Собранието ги донесе на 16 февруари.

Операторите рекоа дека со измените им се наметнува да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и може за да сносат материјална и кривична одговорност. Ваквата обврска дефинирана со Законот, рекоа тие, е спротивна на ЕУ-Директивите.

Меѓувремено, со реакција се огласи Македонската медиумска асоцијација во која се Сител, Телма, Канал 5, Алфа и Алсат-М. Тие тврдат дека ги купуваат авторските права за сè што емитуваат, а некој им прави нелојална конкуренција со пиратска програма. Најавата на операторите ја оценија како апсурдна, паушална и незаконска.