Од понеделник на полноќ кабелските ќе прекинат со емитување на ТВ каналите, ќе може да се гледа само МТВ

Во понеделник (2 март) на полноќ, кабелските оператори ќе престанат со реемитување на сите домашни и странски ТВ канали соопштија денес од Здружението на информатичко-комуникациските технологии. Граѓаните ќе може да ги гледаат единствено каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Одлуката е донесена како протест поради измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, кои Собранието ги донесе на 16 февруари.

Од Здружението велат дека по средбите со државниот врв се согласиле да го одложат датумот за прекин за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните. Операторите поднеле и Иницијатива до Уставниот суд за поништување на спорните одредби во законот како неуставни и побарале донесување на времена мерка со која ќе се одложи примената на усвоените законски измени.

„Операторите се принудени да го прекинат реемитувањето на програмските содржини за да избегнат прекршување на Законот поради активности кои не се под нивно влијание“, стои во соопштението.

„Заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон правна сила спорните законски одредби кои го оневозможуваат нормалното работење на целата индустрија. Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да наплатуваат за ТВ услуги за периодот додека трае прекинот, надополнуваат од Здружението.

Вчера, пак, со реакција се огласи Македонската медиумска асоцијација во која се Сител, Телма, Канал 5, Алфа и Алсат-М. Тие тврдат дека ги купуваат авторските права за сè што емитуваат, а некој им прави нелојална конкуренција со пиратска програма. Најавата на операторите ја оценија како апсурдна, паушална и незаконска.

Апелираа операторите да ја преиспитаат најавата, а надлежните институции да ги потсетат на обврските што ги имаат со добиените лиценци за работа, како и дека не може да бидат дотолку општествено неодговорни, со оглед на деликатната состојба со потребата за известување за коронавирусот и предизборниот период.