Операторите нема да реемитуваат домашни и странски ТВ канали, освен МРТВ

Реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори ќе биде прекинато, а операторите ќе го пренесуваат само јавниот сервис, МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал, едногласно одлучи Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде се обединети сите оператори.

Од Здружението соопштија дека ваквата одлука се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што го донесе Собранието на 16 фeвруари, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

Операторите ваквата одлука да се да се прекине реемитувањето на домашните и странските ТВ канали ја окарактеризираа како принудна.

Здружението вели дека со законските измени им се наметнува да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и може за да сносат материјална и кривична одговорност.

„Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. Истовремено, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност“, велат операторите.

Операторите додаваат дека се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност.

„Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сè додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби“, велат операторите и најавуваат дека корисниците на ТВ услугите нема да плаќаат додека трае прекинот.