Визуелно востание во Скопје со четири изложби во Мала Станица

Во петок на 18 октомври во Мултимедијалниот центар Мала Станица истовремено ќе бидат отворени четири мултимедијални изложби во рамките на проектот „Проговори!“ – проект на уметниците за човекови права и солидарност , а во организација на невладината организација Цивил.

Визуелно востание во Скопје со 4 изложби во Мала Станица

Изложбите ќе бидат отворени во 20 часот и се своевидно визуелно востание на неколку уметници чии дела се инспирирани од стремежите за човекови права. Овој настан е редок обид за враќање на општествената одговорност која по дефиниција ја имаат уметниците и интелектуалците во едно општество.

Маја Стефановска, Харалд Шенкер, Александра Маја Милошевиќ и Џабир Дерала се авторите кои преку своите дела ќе „проговорат“ пред јавноста.

Маја Стефановска се претставува со мултимедијалната изложба „Молк“ која се состои од слики (масло на платно) и премиерно прикажување на истоимениот краток филм. Харалд Шенкер се претставува со изложба на фотографии насловена „Хјуман Рајц“. Александра Маја Милошевиќ настапува со изложба на слики (комбинирани техники) под наслов „тсончевоЧ“ (човечност – обратно). Џабир Дерала ќе се претстави со мултимедијалниот арт проект „Ние сме вистината“ која се состои од инсталации во просторот, визуелна поезија, перформанс и видео-арт.

Сите автори се претставуваат со сопствени уметнички визии за општеството во кое гласот на уметниците е мутиран, а нивната општествена позиција е извитоперена и подредена на дневната политика и борбата за власт.

Овој потфат на Цивил се подготвува од април оваа година, кога започна проектот со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Досега Цивил организираше повеќе настани во рамките на „Проговори“.