Виртуелен велосипедски предизвик за Европската недела на мобилност

„Прв до врв“ објавија дека од вчера (16 септември), па се’ до 22 септември додека трае Европската недела на мобилност, ќе има виртуелен предизвик за сите вело-ентузијасти под името „Mobility Virtual Challenge“.

Објаснуваат дека се работи за виртуелни предизвици во најмногу поминати километри и искачена висинска разлика во велосипедизам, составена од резултатите направени при индивидуални активности.

„Секој спортува колку сака и каде сака, а победници се оние со најдолго поминато растојание, најголема искачена висинска разлика, најмногу денови на велосипед и најдолго возење. Секој реално учествува сам во согласност со мерките за заштита од КОВИД-19, a виртуелно ги соочува резултатите од постигнувањата со останатите (сите) учесници“, соопштува „Прв од врв“.

Пријавувањето е преку овој линк, а учеството е бесплатно.

Заинтересираните треба да ја поврзат својата пријава со профил на Strava. Тоа е потребно за да се измери времето на активностите, а тие да го добијат резултатот.

„Сите твои вело активности треба да бидат направени, зачувани со Strava и споделени со нашата платформа во периодот 16-22 септември 2021. Редовноста и квантитетот (збирот од сите достигнувања) во тој период се многу значајни за твојот финален резултат и позиција“, велат од „Прв до врв“.

Повеќе информации за целиот предизвик може да се најдат тука.