Вирџинија е првата земја на југот на САД која ја укина смртната казна

Американската сојузна држава Вирџинија вчера ја укина смртната казна, а ваквиот чекор претставува симболична одлука за државата која има рекорден број на егзекуции во историјата на САД, што ја прави првата поранешна држава од сегрегираниот југ што стави крај на смртната казна, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Денес веќе нема место за смртната казна во оваа држава“, рече гувернерот Ралф Нортам на церемонијата во затворот Гринсвил, каде досега се извршуваа егзекуциите. Укинувањето на смртната казна е „добра и морална одлука“, рече тој.

Исто така тој го спомена случајот на Ерл Вашингтон, хендикепиран маж кој во 1984 година беше осуден на смрт, а чие погубување беше откажано само девет дена пред терминот за егзекуција. Тој беше ослободен во 2000 година.

„Не можете да ја донесете оваа пресуда ако не сте 100% сигурни дека сте во право, и не можете да ја донесете ако знаете дека системот не функционира еднакво за сите“, рече Нортам и нагласи дека 296 од 377 погубени затвореници во 20 век биле Афроамериканци.

По долги и тешки дискусии на почетокот на годината двата дома во државата изгласаа укинување на смртната казна, и со тоа Вирџинија се приклучи на 22-те американски држави каде што смртната казна е веќе укината и на уште три други во кои има мораториум за тоа.