Илјадници ученици низ САД излегоа од часови во протест поради вооружените напади на училишта

Еден ден откако 19 ученици и два наставника беа убиени во вооружен напад на основно училиште во Увалде, Тексас, ученици низ САД организираа протестно напуштање на часовите за да дадат поддршка за поголема контрола на оружјето во земјата.

Во Мучиген, средношколци од училиштето Оксфорд, каде исто така се случи вооружен напад во ноември во кој беа убиени четири ученици, излегоа во школскиот двор точно на пладне во знак на протест.

Слични сцени можеа да се забележат и во средното училиште Санта Кларита во Калифорнија, каде два ученици загинаа во напад во 2019 година, а протести се одржаа и во Њујорк, Вирџинија и други држави низ САД. Според организацијата „Учениците бараат акција“ низ земјата планирани биле преку 200 вакви училишни демонстрации.

„Дали ние сме следните“ и „Оставете го оружјето“ беа само дел од пораките напишани на транспарентите кои ги носеа младите.

„Секојдневно гледате вести како деца се убивани и млади луѓе гинат и тоа е тажно и неверојатно, особено кога ќе видите деца на моја возраст или помлади. Не можам да замислам дека тоа може да ми се случи мене, но такво нешто е возможно бидејќи се случува многу често“, вели 17-годишната средношколка Ема Џаноф, член на „Учениците бараат акција“ за Еј-Би-Си Њуз.

Таа објаснува дека нивната училишна управа го поддржала нивниот протест и се надева дека повеќе од 200-те планирани демонстрации низ земјата ќе испратат силна порака дека учениците се обединети по ова прашање.

Џаноф вели дека и покрај тоа што овие протести можеби не можат да ги променат законите, сепак нивниот гест е показател дека студентите се обединети. Таа додава дека иако најголемиот дел од учениците не се доволно возрасни да гласаат, тие сепак сакаат да видат промени и сакаат нивниот глас да се слушне од страна на политиката.