Виена прогласена за град со најубав живот за 2022 година

Третпат во последните пет години австрискиот главен град Виена, со 99,1 од максимални 100 поени, се најде на првото место на листата ранг-листата на градови според квалитетот на живот во годишниот индекс кој го прави аналитичкиот оддел на магазинот Економист (ЕИУ).

На врвот на листата, на која се наоѓаат 172 светски метрополи, оваа година доминираат европски градови, со тоа што пет од првите десет градови со најквалитетен живот доаѓаат од овој континент.

Аналитичарите од ЕИУ велат дека претходните две изданија на индексот претежно беа движени од пандемијата со Ковид-19, со тоа што карантините и социјалното дистанцирање влијаеше на поените кои градовите ги добиваат за култура, образование и здравство. Сепак, тие додаваат дека новата листа е нормализирана, откако рестрикциите беа укинати во најголемиот број од државите низ светот.

„Виена, која падна на 12 место во нашите рангирања на почетокот на 2021 година, откако нејзините музеи и ресторани мораа да бидат затворени, сега се враќа на првото место, позицијата која ја имаше во 2018 и 2019 година. Стабилноста и добрата инфраструктура се главните работи кои се привлечни за жителите на градот, поддржани од добриот здравствен систем и голем број можности за култура и забава“, велат од ЕИУ.

На второто место оваа година се најде данскиот главен град Копенхаген, додека на првите пет позиции се уште и Цирих во Швајцарија и Калгари и Ванкувер од Канада.

Фото: Economist Intelligence Unit (EIU)

Франкфурт, пак, има најголем напредок на индексот. Германскиот град оваа година напредуваше за дури 32 позиции на ранг-листата и се најде на 7 место. Во првите пет градови кои најмногу напредувале се најдоа уште два германски града – Хамбург и Дизелдорф, како и двата англиски градови – Лондон и Манчестер.

Во исто време двата новозеландски градови, Велингтон и Оукленд, забележуваат најголемо назадување за 2022 година. Велингтон има пад од 46 позиции, додека Оукленд од 33. Во првите пет со најголеми падови на листата се и австралиските градови Аделаида и Перт. Ова според аналитичарите пред се` се должи на тоа што овие градови во 2021 година имале предност врз конкурентите поради тоа што затворените граници значително го ограничија ширењето на Ковид-19, но во 2022 година оваа предност исчезнала, а истовремено градовите од австралискиот континент и нешто подоцна ги подигнаа рестриктивните мерки, што придонело за полошиот резултат.

На дното на листата градови според квалитетот на живот за 2022 година, на 172 место се најде сирискиот главен град Дамаск, додека на последните пет позиции се наоѓаат уште и Лагос во Нигерија, Триполи во Либија, Алжир во Алжир и Карачи во Пакистан.

Од ЕИУ предупредуваат дека и покрај тоа што пандемијата станува се` помал проблем, нова закана за квалитетот на живот стана руската инвазија врз Украина во февруари. Оваа година нема оцена за Киев, бидејќи аналитичарот на ЕИУ морал да го откаже истражувањето откако изби војната.

Во меѓувреме Москва и Сент Петерсбург паднаа за 15 и 13 места на листата, а и други градови засегнати од војната, како Будимпешта и Варшава исто така забележаа значителен пад во оценките за стабилност.

Индексот за квалитет на живот вклучува пет различни категории кои се оценуваат: стабилност, здравство, култура и забава, образование и инфраструктура.