Над 80% од убиствата на жени се извршени од партнери или членови на семејството

Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во државата во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, со оглед на тоа што сторители се сегашни и поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата, покажува Анализата на случаи на фемициди, која беше презентирана денеска.

„Една од главните и неопходни препораки е измена и дополнување на Кривичниот законик преку предвидување на фемицидот како посебно кривично дело, или дополнување на отежнителните околности при квалификација на основното убиство со попрецизно дефинирање на родово базираното насилство, по примерот на европските земји“, рече Елена Димушевска, авторка на анализата.

Според истражувањето на Организацијата на Обединетите нации за дроги и криминал (UNODC), објавено во 2019 година, 58% од жените жртви на убиство во светски рамки се нaмeрно убиени од нивниот интимен партнер или од друг член на семејството.

„Во нашата држава функционираат 11 специјализирани сервиси за згрижување жртви на семејно насилство во шест плански региони, меѓу кои два кризни центри, осум специјализирани советувалишта и центар за жртви на трговија со луѓе. Во текот на пандемијата, заедно со УНДП ја креиравме првата мобилна апликација за пријавување насилство – „Биди безбедна“, која овозможува со само еден клик на мобилниот телефон жртвите да побараат помош и веднаш да се интервенира“, потенцира министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Во над 80 отсто од случаите на фемициди, иако и претходно постоело насилство, ниту една од вкупно 14 убиени жени не пријавила во надлежните институции.

Фемицидите како најтешка форма на родово базирано насилство се појавуваат во сите слоеви на општеството, имајќи предвид дека жртвите се со различна возраст, националност и социо-економска положба.

Анализата на случаи на фемициди е изработена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, а беше презентирана во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

„Една од причините за фемициди е пристапот до огнено оружје на сторителите. Статистиката, покажува дека дури 99,5 отсто од огненото оружје во државата е во сопственост на мажи. Би сакал да истакнам дека ние во УНДП остануваме посветени на поддршката на МВР за зајакнување на капацитетите за регулирање на пазарот на огнено оружје и за борба против недозволената трговија со оружје“, рече Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна дека новиот Полициски информациски систем, кој се изработува во соработка со УНДП, ќе овозможи поефикасна борба против криминалот, вклучувајќи ги и случаите на фемициди.

„Анализата на случаи на фемициди, поради веќе воспоставениот концепт на нулта толеранција, ја апострофира определбата на државата дека е потребен сериозен, аналитички пристап, кој се темели на основните постулати за превенција, рана идентификација, брз одговор на институциите во обезбедувањето мерки за помош и за заштита на жените жртви на родово базирано насилство и на семејно насилство“, изјави Спасовски.