[Видео] Утринско будење и сонливи лица – помина првата вечер од окупацијата

Некои едвај расонети и со кафе во рака, други веќе разиграни на музиката во аулата, ова е сликата која утринава ја затекнавме на Автономната зона што студентите ја создадоа вчера по окупацијата на Филозофски/Филолошки факултет.

Оние студенти кои успеаа да склопат око, се разбудија рано утринава за да подготват појадок и топли пијалаци за останатите. Тие велат дека се задоволни од првата помината ноќ од окупацијата која ја поминаа во факултетската зграда и од целата атмосфера.

IMG_7490

Околу 9 часот утрово, студентите од Пленумот им приредија утринско будење и на своите колеги од Економски и Правен факултет каде со свирежи ги повикуваа своите колеги да им се приклучат во заедничката борба за автономија.

Пленумците за денеска најавија окупација и на Техничките факултети од 12:30 часот. Исто така, на својата Фејсбук страница ја претставија програмата за денеска која е исполнета со дискусии, изложби и останати културни манифестации што ќе се одржуваат во просториите на Филозофски/Филолошки.