[Видео] Повеќе од 1.600 уапсени на протестите во Русија за поддршка на опозиционерот Навални

Според последните информации на организацијата „ОВД Инфо“ на денешните протести кои се одржуваат ширум Русија за поддршка на опозиционерот Навални кој неодамна беше уапсен, досега се уапсени повеќе од 1.614 луѓе, Од нив, дури 513 се уапсени во Москва, каде, според „Ројтерс“, на протест излегле најмалку 40.000 луѓе.

Како што пренесува „Ал Џазира Балканс“, демонстрантите претходно најавија протести во повеќе од 90 градови ширум земјата, организирани преку социјалните мрежи.

Меѓу уапсените е и сопругата на Навалани, која на Инстаграм објави фотографија на која пишува „Извинете за лошиот квалитет. Светлото во полициското комбе е слабо“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @yulia_navalnaya

Навални во моментов се наоѓа во притвор кој му е одреден на 30 дена. Правосудниот систем го товари за кршење на условите за условното пуштање на слобода, со тоа што замина во Германија на лекување, откако беше отруен со нервниот гас Новичок.

Во Хабаровск, кој е седум часа пред Москва поради временската разлика, активисти споделија видеа од полицијата како тепа демонстранти и ги става во полициски возила. Во градот исто така се протестира поради апсењето на популарниот гувернер Сергеј Фургал.

И покрај сибирското ледено време, стотици демонстранти излегоа на улиците на Владивосток и Иркутск, извикувајќи „Ние сме моќни“ и „Путин е лажго“.

Протест се одржа и во Јакутск, еден од најстудените градови на светот, пренесува „Њујорк Тајмс“.

фото: „Ројтерс“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги предупреди граѓаните да не учествуваат во неодобрени протести. Сите протести поради пандемијата со Ковид-19 се забранети со месеци.

Руските власти вчера приведоа и блиски соработници на Навални, а меѓу приведените е и портпаролката на Навални, Кира Јармиш.

Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел вчера во телефонски разговор го повика рускиот претседател Владимир Путин да го ослободи Навални и да спроведе транспарентна истрага за неговиот обид за убиство.