Судот му одреди притвор од 30 дена на опозициониот лидер Навални – тој ги повикa Русите да излезат „на улица“

Рускиот суд вчера на опозициониот лидер Алексеј Навални му одреди мерка притвор до 15 февруари, кој пак ги повикa Русите да „излезат на улица“ и да протестираат против владата.

„На Алексеј Навални му е одреден 30 дена притвор, до 15 февруари“, соопшти неговиот адвокат Вадим Кобзев на Твитер.

Веднаш по одлуката беше објавено видео во кое опозициониот лидер ги повикува Русите да ја „преселат“ борбата на улица.

„Овие бандити (на власт), тоа добро го знаете, најмногу се плашат од тоа луѓето да излегуваат на улица (…) затоа, не плашете се, излезете на улица, не за мене, туку за вашата иднина“, порача тој во видеоснимката која беше снимена во судницата и објавена на социјалните мрежи.

Неговиот најблизок соработник Леонид Волков веднаш објави на Твитер дека тимовите на Навални „почнуваат да се подготвуваат за големи протести низ земјата на 23 јануари“.

Борецот против корупција и еден од најголемите критичари на Кремљ, Навални, го обвинува претседателот Владимир Путин дека во август наредил негово убиство со отровот Новичок, тврдење кое Русија го негира.

Навални го преживеа труењето и помина пет месеци на лекување во Германија.

Во неделата тој се врати во Москва, каде веднаш беше уапсен врз основа на одлука на московската затворска служба, која тврди дека со заминувањето на лекување во странство тој ги прекршил мерките за судски надзор.

[Видео] Опозиционерот Алексеј Навални уапсен веднаш по пристигнувањето во Москва