[Видео] Над 100.000 Израелци протестираа во Тел Авив против владата на премиерот Нетанјаху

Повеќе од 100.000 Израелци трета сабота по ред протестираа во Тел Авив против новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради најавените реформи во правосудниот систем.

Реформите, како што тврдат противниците, ќе ги загрозат „демократските темели“ на Израел.

Демонстрантите вчеравечер се собраа на две локации во Тел Авив, на плоштадот Хабима, каде што беа минатата сабота и на улицата Каплан. Израелските медиуми јавуваат дека полицијата проценува дека околу 10.000 луѓе се собрале на плоштадот Хабима и околу 100.000 на улицата Каплан и околината, додека околу 80.000 демонстрирале минатата недела.

Демонстрации се одржаа помалку од еден месец по полагањето заклетва на новата влада на Нетанјаху, составена од неговата конзервативна партија Ликуд и ултранационалистички и ултраортодоксни еврејски партии, кои се сметаат за најдесничарски во историјата на земјата.

Демонстрантите се противат на предлозите на министерот за правда Јаир Левин за слабеење на моќта на Врховниот суд и зајакнување на политичката контрола врз изборот на судии.

Нетанјаху вети дека ќе ги спроведе реформите и покрај противењето, бидејќи неговата влада верува дека постои нерамнотежа на моќта дадена на судиите и владините правни советници што влијае на носењето на законите и владеењето.

На улиците во централниот дел на Тел Авив, демонстрантите носеа израелски знамиња и транспаренти со натписот „Израел, имаме проблем“ и најчесто извикуваа „демократија“.

Претседателот на здружението на адвокати, Ави Хими, обраќајќи им се на насобраните, ги осуди предлозите на министерот за правда за измени во правосудството, предупредувајќи дека не е даден мандат за промена на политичкиот систем, ниту за уништување на демократијата.

Нетанјаху во неколку наврати изјави дека владата на парламентарните избори на 1 ноември добила мандат да спроведе сеопфатни реформи кои ќе доведат до превласт на парламентот над судството, јавуваат израелските медиуми.

Поранешниот министер за одбрана и еден од лидерите на протестите, Моше Јалон, ја означи владата на Нетанјаху како влада на „диктатура и криминалци“.

„Земја во која премиерот ќе именува судии има име, диктатура“, рече Јалон.

Околу 1.000 демонстранти се собраа на југот на земјата во градот Бершева, а демонстрираа и во Ерусалим и Хаифа.