[Видео] МОН доби макета да ги потсетува на ветеното училиште во Мала Речица

Младиот активист Рамадан Муртезани им подари на Министерството за образование и наука макета која треба да ги потсетува надлежните на неисполнетото ветување за изградба на ново училиште во Мала Речица што е предвидено во програмата на Владата.

Во краткото видео, Муртезани објаснува дека на овој чекор се решил откако не успеал да добие одговор на неговото барање да оствари средба со министерката или заменик министерот за образование и наука на која би разговарале до каде е процесот за изградбата на училиштето.

Муртезани е член на групата мобилизатори на заедницата, иницијатива која е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“ кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија заедно со ИФЕС. Овие мобилизатори имаат задача да бираат една мерка од План програмата на Владата 2021-2024 и во период од 9 месеци да следат и мониторират колку се исполнува оваа ветување. Со цел да ги информират и мобилизираат граѓаните тие треба да спроведуваат и Иновативни иницијативи за истата мерка која ја следат.