[Видео] Молдавија преку црн хумор се бори со коронавирусот

Молдавија започна со нов пристап за борба против пандемијата на коронавирусот. Здравствените власти користат шок-тактики, црн хумор и поп музика за да се обидат да ги исплашат луѓето кои не се вакцинирани или едноставно не се загрижени за вирусот. Едно од видеата кое е дел од неодамнешна кампања им порачува на гледачите „Не грижете се. Ги имаме најголемите гробишта во Европа“, пишува „Радио Слободна Европа“.

Необичната владина кампања за подигање на јавната свест, спонзорирана од Светската здравствена организација има за цел да промовира вакцинација додека истовремено неконтролирано се шират дезинформации и скептицизам за вакцините.

Официјалните лица се надеваат дека хуморот ќе натера повеќе луѓе да одлучат да се вакцинираат против Ковид-19.

Видеото кое привлече најголемо внимание во фокус го става популарниот молдавски актер Емилијан Крету, кој глуми лекар, пациент и погребник.

„Повеќе од 7.000 Молдавци починаа од Ковид-19. Има нови, многу позаразни и поагресивни соеви, но не треба да се грижите“, вели Крету. Потоа се појавува гробар со лопата на врвот на неодамна ископан гроб.

„Класичните аргументи повеќе не функционираат, луѓето веќе не се приемчиви, тие се уморни. Имаше идеја дека треба да излеземе од нашата комфорна зона. Црниот хумор е дел од нашиот регион, се работи за смеење и плачење за некоја ситуација. Видеото одговара на менталитетот на овој регион. Ве тера да размислувате. Се смеете, а потоа се плашите“, изјави за РСЕ граѓанскиот активист Валериу Паша.

Во Молдавија од Ковид-19 досега починаа над 9.000 луѓе, а се заразија нешто помалку од 350.000 лица.