Струмичанката Љупка Вртева e прогласена за инженерка на годината во Словенија, титула која има за цел да ги инспирира младите жени да студираат во области како наука, технологија, инженерство и математика, јавува „Словенија тајмс“.
Вртева е магистер по машинско инженерство и е развоен инженер од областа на греење, вентилација и ладење на згради, а работи како раководител на проект за развој на соларна централа во енергетската компанија Петрол.
По завршувањето средно образование во Македонија, Вртева се преселила во Словенија и единствената желба и била да стане инженер.
Додипломските и магистерските студии ги завршила на Машинскиот факултет во Љубљана, а во 2019 година ја завршила меѓународната едукативна програма „EUREM Energy Manager“ на Институтот Јожеф Стефан.
Вртева првично развила уникатна компјутерска програма за механичка вентилација на згради, а сега се занимава со дизајнирање на нови, поефикасни енергетски системи.
Жирито кое ја додели наградата посочи дека и покрај многуте пречки, вклучително и јазичната бариера, нејзината одлука да стане инженер беше вистинската, а таа има енергија и желба да ги охрабри младите жени кога донесуваат одлуки за нивниот пат во кариерата.
За титулата одлучувала жири комисија од 92 членови.