[Видео] Силно невреме ја зафати Словенија, издадени предупредувања и за Италија, Хрватска и Босна и Херцеговина

Силно невреме ја зафати Словенија ноќта меѓу 3 и 4 август. Според локалните медиуми, многу места се поплавени, стотици пожарникари и членови на други служби за итни случаи се на терен, а насекаде се слушаат сирени кои предупредуваат за опасност, јавува Радио Слободна Европа.

Во североисточна, северозападна и централна Словенија во сила е црвен метео-аларм.

Според податоците на Управата за заштита и спасување, во последните 12 часа регистрирани се повеќе од 1.000 инциденти, а на помош излегле пожарникари од 168 противпожарни единици.

Како што пренесува словенечката новинска агенција СТА, во текот на ноќта пожарникари испумпувале вода од поплавени згради, заштитиле неколку одрони и чистеле рушевини под мостови. Биле евакуирани и три кампа.

Портокалов метео аларм за 4 август е објавен и за пет региони на соседна Хрватска, со можни прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода. Големо невреме се очекува и во Италија, а предупредување е издадено и за Босна и Херцеговина.