[Видео] Камерите на Шар Планина снимија балкански рис со младенче

„Имаме принова – ново мало рисче!“, објавија од Националниот парк „Шар Планина“, посочувајќи дека на една од нивните камери-замки забележале мајка рис со малечко, и двата во одлична здравствена состојба.

Со ова, велат оттаму, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од 1 на 3 единки.

„По успехот минатата година, кога првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денес со огромна радост објавуваме дека и мајка со младенче е регистрирана на територија на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на нашиот тим. А најубавиот дел? Колегата кој ја регистрираше снимката ја доби честта да го даде и името – мајката ја именувавме Сибел“, соопштија од НП „Шар Планина“.

Од Паркот објаснуваат дека балканскиот рис е територијално животно – секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 квадратни километри. Тоа значи дека на Шар Планина може да се очекуваат многу мал број стабилни единки, но секој ново потврден рис е огромен чекор напред за видот.

„Храната на рисот главно се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови кои се дел од шумскиот екосистем. Популациите на неговиот плен на Шара полека но стабилно растат, што создава подобри услови за опстанок на рисот“, посочуваат оттаму.

Истовремено, нагласуваат, на територијата на НП Шар Планина ловот е целосно забранет, со што директно се придонесува кон заштита на рисот и неговиот плен.

„Оваа снимка ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот. Балканскиот рис е критично загрозен вид, а секој ваков момент ни враќа надеж и ни покажува дека нашите напори носат резултати“, нагласуваат од НП „Шар Планина“.

Радио МОФ на повеќе пати досега пишуваше и истражуваше за балканскиот рис, или т.н. „голема мачка со мали шанси“,  Балканскиот рис со популација помала од 40-50 возрасни единки, се смета за критично загрозен и се соочува со бројни притисоци – од загуба на живеалишта и криволов, до ниска генетска разновидност. Како незаменлив дел од природното и културното наследство на регионот, тој бара постојана грижа, внимание и заштита.

По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави