[Видео] Илустратори работат на визуелниот дел на новите материјали за учење за I и IV одделение

Ѓорги Божиков е еден од илустраторите и дизајнерите кои преку јавниот повик на Бирото за развој на образованието се избрани да работат на илустративната содржина во новите материјали за учење за прво и четврто одделение, чија изработка, според Министерството за образование и наука (МОН), е во завршна фаза.

Божиков вели дека е предизвик да се работи на учебници за деца и дека за прв пат е ангажиран во својата земја. Досега неговите ангажмани претежно биле за изработка на илустрации во едукативни материјали надвор од државата.

„Работам на општество и македонски јазик за прво одделение. Според мене, мислам дека најмногу децата во прво одделение ги привлекува бојата и затоа во моите илустрации се застапени попастелни и силни бои кои што на децата им оставаат некоја фотомеморија и потоа знаат да препознаваат предмети“, изјави Божиков, додавајќи дека најпривлечно за учениците на оваа возраст е токму илустрацијата која најмногу може да им помогне да научат одредени работи, како да се водат и да поврзуваат текст со илустрација.

Божиков вели дека во учебникот по македонски јазик има илустрации каде што некои делови не се до крај обоени и се намерно оставени од илустраторот и од дизајнерите за детето да дополни некои работи каде што е потребно.

Од МОН велат дека новите учебни материјали во текот на летниот период ќе бидат претставени на јавноста и проследени до наставниците за навремено запознавање и подготовка за настава во новата учебна година.

„Новите материјали за учење се изработуваат согласно усвоените нови наставни програми кои треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците. Инаку, сите промени се предвидени со новата Концепција за основно образование усвоена преку широка јавна дебата при што предвид е земено мислењето на сите засегнати чинители, а особено и на експертската јавност“, велат од Министерството.

Од МОН напоменуваат дека имплементацијата започнува етапно со стартот на новата учебна година во прво и четврто одделение.