„Велосипеди-духови“ се појавуваат низ Хјустон во чест на прегазените велосипедисти

Околу 1700 велосипедисти биле удрени од автомобили или камиони  во последните четири години во Хјустон, а еден од четири возачи не успеал навремено да закочи. Поради тоа, жители на градот ставаат бели велосипеди на местата каде велосипедистите биле прегазени, за да ја зголемат свеста кај јавноста во овој проблем и да им оддадат почит на починатите.

„Секогаш е истата приказна“, вели Стив Симс, кој ја води иницијативата Ghost Bike во Хјустон, со неговата сопруга Мелиса.„Зборуваме со семејство чие сакано лице загинало во сообраќајна несреќа. За нив е ужасно, но кога некој велосипедист овде е прегазен, никој не презема ништо. Се случува пак и пак“.

Ghost Bike добиваат стари велосипеди како донации, ги бојадисуваат бели и ги поставуваат како споменици на местата каде починале велосипедистите. Само во Хјустон, четвртиот најголем град во САД од 2013 година, лани починале 23 велосипедисти.

Многу од нив се наречени „невидливи велосипедисти“ – луѓе кои одат до лошо платеното работно место, без кацига и светла. Ако велосипедистот кој бил прегазен прекршил сообраќајно правило, возачот кој го прегазил се смета за невин, и ваквите несреќи остануваат неказнети.

Откако првиот бел велосипед се појавил во 2003 година во Сент Луис, Мисури, движењето се проширило низ повеќе градови во светот. Најчесто се појавуваат како начин да се зголеми свесноста за зголемениот број несреќи во областа, а потоа ги снемува, но Хјустон има подолготраен проблем.

Во просек шест лица умираат во градот секоја година, но бројот е три пати поголем во пошироката урбана област, вели Симс.

Освен велосипедот, крај него оставаат и плакета со изгравирано име на жртвата, фотографија и исечок од весник кој известува за несреќата.

„Сакаме возачите да ја видат личноста“, објаснува Симс. „Треба да препознаат дека е убиено човечко битие, а не карикатура на велосипедист. Луѓето кои се повредени и убиени во несреќа не се спортски велосипедисти, туку луѓе кои возат велосипед бидејќи тоа им е единствениот начин за транспорт“.

Волонтерите на Ghost Bikes се надеваат дека поголемиот број на вели велосипеди ќе ги охрабри возачите да обраќаат повеќе внимание кога возат, или да размислат два пати пред да пишуваат пораки додека се зад волан.

„Сакаме да ги видат насекаде низ градот. Ако видат еден велосипед по друг, ќе имаме некаква критична маса. Ќе ставиме толку многу велосипеди, што луѓето конечно ќе сфатат што се случува“, вели Симс.