Вечерва започнува музичкиот фестивал „Крај Вардарот џез“

Со настапи на музичари од регионот, односно спејс Трио (Space Trio) од Бугарија и српскиот џез состав, Ејот (Eyot) од Ниш, вечерва со 20 часот ќе започне првата вечер од годинешното, трето издание на музичкиот фестивал „Крај Вардарот Џез“.

Идејни творци на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.

„Крај Вардарот Џез” е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етно музика, кој веќе три години во континуитет на домашната публика и ги преставува најскорешните и најквалитетни авторски остварувања од високо ценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признaени таленти.

Во организација на „PMGJazz“, фестивалот ќе трае до утре, 24 септември. Организаторите посочуваат дека вечерашните изведувачи, „Спејс Трио“, работат по принципот на  „инстант композиција“, а ја водат спонтаноста во изразот.

„Звукот се гледа, тишината се слуша. Спејс Трио се современи слободни импровизатори и креатори на звук, неограничени од стил или класификација. Тоа се луѓе кои обрнуваат внимание на вибрациите не како реакција на фиксирана идеална изведба, туку, како авантура и се чини дека секогаш звучат различно. Музика, која го транспортира слушателот токму во моментот во кој се наоѓа. Членови на оваа формација главно се: Живко Братанов – пиjано, Георги Ангелов – перкусии, Васил Хаџигрудев – контрабас“, објаснуваат од „PMGJazz“.

Оттаму истакнуваат дека специјално, на нивниот скопски настап, тие ќе бидат придружени од џез музичарот од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ, дел од „Светлост“ и „Одрон Ритуал Оркестар“.

Од PMGJazz велат дека  EYOT (Србија) е веројатно најреномираниот српски џез состав во последнава деценија, како во регионот, така и на светската сцена.

„Групата е формирана во 2008 година. Фронтмен е виртуозот на клавир Дејан Илијиќ, а составот го комплетираат: Милош Војводиќ на тапани, Марко Стојилковиќ, бас и Слаѓан Миленковиќ на гитара. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и источна Европа, креирајќи мешавина од стариот и новиот Исток и Запад. Ејот имаат издадено 5 студиски албуми“, упатуваат организаторите.

Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот со концертен настап на „Секстат“, кои ќе одбележат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација.

„Публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание, надградени со неколку извонредни локални музичари, во форма на вистински оркестар. Во оваа специјална и многу важна вечер за сите нас, ќе не воведе ‘Toka Shitet’,  ака Идриз Амети, фронтмен на групата Blla Blla Blla со фантастична соло изведба на авторска музика на шаркија“, нагласуваат од „PMGJazz“.

Оттаму порачуваат дека фестивалот е произлезен од потребата да се поддржи новата генерација домашни автори и музичари, чија музика во себе ги интегрира и совршено балансира автохтониот и светски современ израз.