Белградскиот состав „Sitzpinker“ доаѓа на „Здраво млади“

По „Порто морто“, „Холи фак“, „Тамада“, и „Дирхуф“, од „Здраво млади“ го најавуваат петтиот изведувач на фестивалот, белградската четворка „Sitzpinker“.

Во бендот членуваат вокалистката Дуња Мијачиќ , гитаристот Данило Илиќ , басистот Павле Трифуновиќ  и тапанарот Андреј Младеновиќ.

Од „Здраво млади“ истакнуваат дека до деби ЕП изданието „Подло поштовање“, бендот постепено започнува освојување на поранешните ју-републики.

„Како еден од бендовите изникнати од колективот Хали Гали, имаат настапувано на голем дел од нивните фестивали, а во 2019 со синглот ‘Метаноја’, станаа дел од нивната влијателна компилација заедно со останатите бендови од сцената како Визељ, Kоикои, Газорпазорп, Шајзербитерлемон, Прото тип“, објаснуваат организаторите.

Тие додаваат дека бендот брои стотици настапи низ Србија, меѓу кои и фестивалите „Арсенал“ и „БирФест“, освојувајќи ја младината со звукот на Новиот Белград – цврст гаражен инди-рок со доза на „shoegaze“ и психоделија.

Со познатите синглови „Да ли“, „Судан“ и „Мустанг“, бендот го најавува својот албум како соработка со Поп депресија/Кишобран, кој се очекува да излезе во втората половина на 2022 година.

Билетите за „Здраво млади“ се достапни онлајн.