„Rush to relax“ ќе го отвори годинешното издание на „Здраво млади“

На 3 месеци до 12-иот фестивал на нова музика „Здраво млади“, МКЦ го најави и бендот кој ќе го отвори годинешното издание – „Rush to relax“

„Возбудливиот состав на Дамјан Маневски, моделиран под силното влијание на светското рокенрол наследство во секој облик, e производ на релацијата Битола – Љубљана“, потенцираат од МКЦ.

Како што и самиот Маневски вели, „Rush to relax“ e бенд составен од повеќе други распаднати бендови. Нивната музика е често мелодична, ама неисполирана. Во одредени моменти може да звучи како слоевит звук, додека на моменти важен е само едноставниот риф или секвенца за да се долови најсуштинското DIY одѕвонување.

„Rush to relax“ на „Здраво млади“ доаѓаат во проширен состав: Дамјан (вокал, гитара), Јан Цизеј на бас гитара, Ерик Керпан на гитара и Васја Онич на тапани. Публиката пак ја има честа да го чуе и најновиот материјал од нивниот нов албум, кој треба да излезе точно еден ден пред фестивалот.

„Побрзајте по билети за ‘Здраво млади’ додека не ги зафатил ‘бранот поскапувања’!“, велат од МКЦ.

Инаку, на „Здраво Млади 2022“ на 3 септември настапуваат: „Holy Fuck“, „21 век“, „Porto Morto“, „Tamada“, „Sitzpinker“, „Deerhoof“, „Tootard“, „Rush To Relax“ + уште артисти.