Вечерва премиера на „Showcase“ – мултимедијален проект на млади уметници

Мултимедијалниот проект „Showcase“ кој го продуцира платформата за млади уметници „Инкубатор“ премиерно ќе биде претставен вечерва во Младинскиот културен центар во 20 часот.

Автор на проектот е Матеа Мијановиќ во соработка со уметниците Анастасија Данчевска, Дејан Битровски. 

„Проектите ‘Деконструкција/Котел’ и ‘Bounce With Me’ се резултат на повеќедневни работилници со младите уметници. Првата кореографија се бави со готова кореографија, која низ процес на истражување се деконструира и се прилагодува на нов контекст во интерпретацијата. Во втората кореографија Битровски поминува процес на создавање со младите уметници од импровизација до кореографија. Тргнувајќи од едно физичко дејство создаваме нарација. Како да ги поврземе сите елементи за да создадеме кореографски текст?“, се вели во најавата за вечерашната изведба.

Во проектот учествуваат музичарот, односно тапанар Теодор Јаневски и танчерките Сара Димоска, Клара Христовска, Јоана Благадуша, Моника Шолевска, Илина Костова, Теона Ѓуровска, Нина Петрушевска, Надја Лукановска, Ивона Маневска, Елена Стојкоска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Микаела Колцункова (Словачка), Сара Крковиќ (Црна Гора) и Марија Андовска, кои се дел од Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.

Матеa Мијановиќ е скулптор и продуцент. Со свои дела учествува во повеќе изложби. Во периодот од 2014 до 2020 година работи како асистент на проектите на академскиот скулптор Жарко Башески. Во 2018 година го создава и менаџира проектот „Инкубатор – Платформа за млади уметници. Мијановиќ работи и како сценограф и продуцент во повеќе танцови продукции и нивни меѓународни претставувања.

Дејан Битровски е современ уметник, танчер и кореограф чија позадина е хип-хоп и урбаните танцови стилови. Како кореограф соработува со млади уметници, а од 2014 година е дел од Скопје танцовиот театар. Во своите кореографии обработува современи теми. Битровски е асистент на Катедрата за современ танц при УГД. Како танчер гостува на светски фестивали.

Анастасија Данчевска е современ танчер и педагог. Таа е дел од продукциите на Скопеј танцовиот театар, и асистент на Катедрата за современ танц при УГД. Како танчар има настапувано на повеќе светски и европски сцени.

Теодор Јанески има повеќегодишно искуство во настапи на музичката сцена, како  солист и Добитник е на повеќе награди. Учествува на Лузер фест Скопје во 2019 година, каде добива награда како млад уметник и учествува како дел од бенд на фестивалот Џез Фабрика во Битола. Со бендот настапува по клубови и фестивали низ цела Македонија и Балканот.