Мултимедијалната изложба „Горчлив Шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ во Музејот на современа уметност

Мултимедијалната изложба „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ ќе биде отворена на 13 септември во Музејот на современа уметност со почеток од 20 часот.

Станува збор за проект составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.

„Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Во просторната инсталација која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост. Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни, а работени според идеи на Јовановиќ, како и раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели како Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Хана, Корнети, Алекс Букарски и други“, се вели во описот за изложбата.

Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Ѓорѓе Јовановиќ има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата.

Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст. Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и „Денес“ за млад уметник за 2009 и Најдобар млад уметникна 10. Биенале на млади уметници, Музеј насовремената уметност за 2013.