Вечерва официјално се отвора Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“

Со концерт на Хана Корнети и претставување на муралот „Патување“ на ликовниот уметник Сали Ертунч, вечерва официјално ќе биде отворен Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“.

Центарот е формиран по иницијатива на Јадро – Асоцијација на независната културна сцена и е лоциран на ул. „Алберт Ајнштајн“ бр.2 во Скопје.

Идејата настанала од потребата за место, фокус, каде што слободно ќе се изразува урбаниот живот, современите социокултурни практики, простор што ќе создава aвтономни, самоорганизирани содржини  што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.

[Интервју] Ѓорѓе Јовановиќ: Центар-Јадро е место за културни настани по модел на цивилно-јавно партнерство

„Физичкиот простор во материјалната структура на градот секогаш претставува важна точка на секое културно и уметничко настојување. Овој модел е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт, Општина Центар, и Јадро Асоцијација и претставува суштинска децентрализација на моќта и единствен пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата, во рамки на граѓанскиот сектор, но и пошироко“, велат од Асоцијацијата Јадро.

Отворањето на „Центар-Јадро“ ќе се одбележи пред објектот, на отворено, согласно со протоколите за одржување јавни настани.