[Интервју] Ѓорѓе Јовановиќ: Центар-Јадро е место за културни настани по модел на цивилно-јавно партнерство

Во периодот од септември 2019 до февруари 2020, културни работници заедно со Општина Центар и помош од бизнис-заедницата го реновираа руинираниот објект на месната заедница „Даме Крапчев“, во скопско Дебар Маало. Така се роди Културно-социјалниот простор (КСП) Центар-Јадро. Тој е своевидно продолжение на културни и социјални свртувалишта од минатото како АКСЦ, Точка, Це-ка… Односно, инклузивен простор што негува демократска и прогресивна култура, преку афирмација на автори и развој на уметнички и социокултурни практики, во сооднос со локалната заедница. 

Уметникот Ѓорѓе Јовановиќ во разговор со Радио МОФ вели дека, како автори кои со години работат на независната културна сцена, секогаш наидувале на проблем со простор каде што би можеле да ги реализираат своите активности.

Недостасувале локации, отворено места што би ги користеле бројните уметници, креативци, прогресивци, млади генерации автори.

„Овој центар дојде како иницијатива на Асоцијацијата ‘Јадро’ која постои од 2012 година. ‘Јадро’ се создаде од потребата да се здружиме, да се окрупни една поголема група на организации и индивидуалци и заедно да пробаме да се залагаме за положбата на културните работници кај нас и да бидеме будни следачи на  процесите во културата“, објаснува Јовановиќ.

Зачеток на моделот за цивилно-јавно партнерство

Потребен бил модел за да се реализира идејата за институција од областа на културата, а притоа да биде одржлив. Ги искористиле контактите со хрватската културна сцена, каде што тие го имплементираа моделот на цивилно-јавно партнерство. Така функционира „Погон“ во Загреб. Тој оперира со неколку мултифункционални простори. Од една страна основач е невладинот културен сектор, од друга е поддршката од Градот Загреб.

Ѓорѓе Јовановиќ

Но, требало да се „изоди“ долг пат, идејата да се преслика во локален контекст. Во Централниот регистар во земјава до нашето регистрирање постоеше само  јавно-приватно партнерство, вели Јовановиќ, но не и моделот на цивилно-јавно партнерство.

„Овој формат дава поголема стабилност“, забележува уметникот.

Ова значи, општината го обезбедува просторот и ги покрива трошоците за комуналии, а културните работници – програма и нејзино осмислување.

„Постојат доста отворени конкурси и во земјава и странство. На тој начин ќе ги реализираме програмите, а засега сме задоволни од поддршката што ја добивме од Министерството за култура и Швајцарсјката амбасада, за активности од областа на визуелна уметност и дизајн, театар, исто така и бесплатен онлајн курс за аудио продукција под менторство на Владимир Аговски – Аго“, потенцира Јовановиќ.

За да се реализира Центарот, иницијаторите имале и формални контакти со службеници, општинари, состаноци, убедувања… И тоа низ повеќе години. Требало сите да ја прифатат идејата. Да дојдат на исто ниво и разбирање.

Плус, добиле искуство од хрватските колеги. Заеднички ја „растеле“ идејата, се реализирале и работилници, обуки, се стекнувале со вештини… На крајот, следело и мапирање на потенцијални простори за КСП Центар-Јадро. Барале стари и напуштени објекти, маалски заборавени катчиња што би профункционирале. Да им дадат смисла.

„Во ‘Дане Крапчев’ претходно се чувале макетите од ‘Скопје 2014’“

„Наидовме на интерес од општина Центар, во време кога градоначалник беше Андреј Жерновски, со кого на крајот го  потпишавме договорот за основање на оваа институција а соработката и финализацијата продолжи и со актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ. Беше одбран објектот на месната заедница ‘Дане Крапчев’, долги години руинирана, а претходно и простор каде се чувале макетите од проектот ‘Скопје 2014’. Таа месна заедница е направена после Втората светска војна. Во изминатите месеци имав можност да се запознаам со луѓе што практично учествувале во нејзина изградба. Посебно ме радуваат нивните позитивни реакции. Не само што овој чин на реновирање ги враќа во тие времиња, туку и поради тоа дека повторно се создава простор кој ќе функционира како место за културни настани. И кој повторно ќе ја обединува заедницата, маалото, луѓето од комшилукот“, раскажува Јовановиќ.

Интересно е што заедницата „Дане Крапчев“ во минатото имала повеќе функции. За партиски средби во времето на социјализмот, но ја имаат користено и за игранки, свадби, разни собири…

„Тоа е неверојатно важна историја која сакаме во иднина, кога малку ќе се подобрат работите, по пандемијата, да започнеме  истражувачки проект кој би се реализирал како изложба или мултимедијален настан и би бил фокусиран на историјатот на зградата и локалните случувања. Едно од важните прашања би биле: Колку и како тој простор влијаел во животите на луѓето од Дебар Маало?“, вели уметникот.

Уметниците и центарот активни и покрај ковид-кризата

Пандемијата им ги скрши плановите во мај официјално да го претстават КСП Центар-Јадро пред јавноста. Но, и додека траело реновирањето, уметниците биле активни. Под капата на центарот испродуцирале неколку настани, партнерски или како иницијатори.

Се случи изложба на  младиот автор Зоран Шеќеров и  работилница за цијанотипија со Лидија Пајевиќ во неколку града низ Македонија. Колективниот театарски перформанс „Разговори со Сара“, а имале чест и да им гостува и еден од најталентираните фински слем поети – Јухо Кууси. Тој за престојот нанижа серија работилници, две во основните училишта „Коле Неделковски“ и „Димитар Миладинов“ и една работилница со поети.

Фото: Центар-Јадро

„Реновирањето заврши во февруари, па уште од првиот ден започнавме со настани. Заедно со Јадро Асоцијацијата бевме домаќини и партнери на проектот ‘Тандем- Западен Балкан’  кој го организираат ‘МитОст’ од Берлин  во соработка со Европската културна фондација (ECF) од Амстердам. Исто така, изложба на проекти на студенти од архитектонскиот факултет за  идејни решенија за училиште и градинка кое што треба да се реализира во Општина Центар. Потоа се случи она што се случи. Во првиот месец ипол бевме во шок и ги следевме вестите и сите податоци поврзани со пандемијата. Но, со тек на време, сфативме дека официјалното отворање не може да се случи. Одржување на програма во просторот, барем моментално, не може да биде реалност“, вели Јовановиќ.

Онлајн културни активности

КСП Центар-Јадро се пресели онлајн. Ги реорганизирале силите, вели тој, па испродуцирале богата програма. Стартувале со онлајн изложба „ Да бидеме заедно, додека се разделени“ заедно со кураторката Јованка Попова, презентирана на Фејсбук страната на Центар-Јадро, на Инстаграм, а потоа и на нивната веб страница која и ја промовираа преку оваа изложба.

„Серија на разговори и предавања со уметници, политиколози и економисти под модераторство на Ѓорѓи Пулевски. Во соработка со Општина Центар реализиравме и детска претстава, која прв пат беше изведена во Чаир и беше дел од градскиот проект ‘Култура во време на корона’. По иницијатива на младите актери предводени од Дениз Абдула таа беше изведена на плочникот позади Соборниот Храм“, вели Јовановиќ.

На Инстаграм стартуваа и со „Инстаграм уметничка резиденција“. Авторот Дарко Алексовски го реализираше ликовниот проект  „Места за мечтаење“, кој го создаде специјално за оваа прилика.

„Во моментов наш гостин резидент е Владимир Лукаш, а веќе ги договараме и уметниците за наредниот период“, потенцира Јовановиќ.

Бесплатно користење на просторот, идеја што би се мултиплицирала низ Македонија

Освен што се отворени за разни форми на уметничка креација, тој вели дека е важно дека ваквиот тип на институции за авторите нудат бесплатен простор. Дали за перформанс, изложба, работилници…

„На веб-страницата постои отворен календар, кој овозможува на авторите да одберат термин и да го регистрираат преку барање. А, ние ќе излеземе во пресрет. И, сето тоа бесплатно“, потенцира Јовановиќ.

Фото: Центар-Јадро

Самиот тим на центарот, се состои од тројца луѓе: Ѓорѓе Јовановиќ, Јасмина Билаловиќ и Ѓорѓи Пулевски. Тие продуцираат и свои културни содржини, па планот е Центар-Јадро да биде комбинација од надворешни и лични понуди.

Асоцијацијата „Јадро“, вториот ко-основач на институцијата, во изминативе две години го промовирала овој модел низ целата држава. Јовановиќ е среќен бидејќи е регистрирана уште една институција по форматот цивилно-јавно партнерство.

„Кај нас, кога помина целиот тој повеќегодишен подготвителен  пат и период на реновирање на Центар-Јадро, сега, за многу брзо време успеваме таа приказна да ја мултиплицираме и во Кавадарци. Се надеваме и во други градови. Во повеќе општини постои интерес да го пресликаат овој модел и во нивните локални средини, во заедниците“, вели Јовановиќ.

Бојан Шашевски