Утре собир на граѓани поврзан со ДУП-овите кои се носат во Карпош

Граѓанската иницијатива Независни за Карпош објави дека утре (недела, 10 декември) во 18 часот во Кинотека на Македонија (библиотека Другарче) ќе се одржи настан поврзан со ДУП-овите кои се носат во Општина Карпош.

„Во тек се припреми за Детални урбанистички планови на повеќе блокови 306 – Тафталиџе 1. На Јавните презентации и јавни анкети не дозволуваат учество на сите засегнати, само на жителите кои се на планскиот опфат, а промените се толку големи, што не само што непосредно ќе влијаат врз животот на Тафталиџе 1, туку и на соседните четврти, па и на целиот град Скопје“, стои во поканата за собирот на Независни за Карпош.

Од таму посочуваат дека целта на овој собир е да ги презентираат нивните сознанија за тоа што се случува во однос на урбанизмот, Советот на општината и ги слушнат граѓаните, нивните ставови и проблеми со кои директно се соочуваат.

Собирот доаѓа по најавите дека на местото на поранешната фабрика „Алимина“ е планиран голем комплекс со вкупно осум нови згради, од кои шест со висина од 9 до 14 катови, а две големи кули од 25 до 35 катови.

Во Карпош кај поранешна „Алумина“ предвидени осум згради, соседите немаат право на жалба

За комплексот веќе реагираа повеќе локални активисти, иницијативи, експерти и граѓани.

Од Борба за Влае денеска излегоа со нова објава, повикувајќи ги граѓаните утре да дојдат на собирот, бидејќи Општина Карпош повторно на јавните анкети им дозволува само на жителите на четвртот за кој се носи ДУП, да дадат свои забелешки, но не и на граѓаните што живеат околу Алумина.

„Иако жителите користат иста инфраструктура, истите улици, водовод, истите градинка и основно училиште, Општината не им дава на останатите жители да кажат дали се согласни да се градат 35-катници во нивната населба. Жителите кои ќе ја изгубат дневната светлина нема да можат да кажат дека се противат на зградите што ќе се изградат јужно од нивните домови“, забележува иницијативата.

Според Борба за Влае, вакви презентации и дискусии треба да организираат самите општини.

„Посебно Општина Карпош која се фали со епитетот ‘најтранспарентна општина’, а прави јавни анкети во законски дозволениот минимум денови, за најмалку жители, што подалеку од жителите и со јавни презентации во мали собички место во сала како таа во Кинотека. Се надеваме дека сите советници ќе бидат против ваквите планови и ќе им дадат на знаење на Општина Карпош и градоначалникот Јакимовски дека мора да почнат да планираат ДУП-ови со јавниот интерес на прво место, а инвеститорите кои се соработници на градоначалникот на последно“, посочува иницијативата.

Активистите објавија и дека предлог-ДУП-от ги надминува нумеричките вредности на ГУП-от за Скопје.

„Од овие табели можеме да забележиме дека ДУП-от за Алумина кај површината на земјиште со некоја намена го надминува ГУП-от недозволено многу. За цели 10%! А ГУП-от е акт од повисок чин според кој се планира градот, додека ДУП-от е за деталите во населбите. Во ДУП-от за Алумина земјиште за домување има за 10% повеќе од што треба (57% наместо 47%) и комерцијални намени има за 10% помалку од што треба (39% наместо 49%)“, посочија од Борба за Влае.

Бојан Шашевски