Утописки урбанизам, глобален град и Скопје

Со јавни презентации на професорите Саскија Сасен и Ана Ивановска Дескова ќе се затвори проектот „Скопје одново“. На денот на скопскиот земјотрес 26 јули, преку програма посветена на визионерските пристапи во архитектурата и урбаните студии, Музејот на современата уметност – Скопје, воедно симбол на солидарноста, ќе го одбележи и крајот на овој проект. Презентацијата ќе се одвива на тремот на МСУ, со почеток во 20 часот.

Презентацијата на Саскија Сасен ќе се фокусира на концептите на утопистичкиот урбанизам и глобалниот град. Предавањето на Ана Ивановска Дескова ќе се однесува на проектот на солидарноста и неговото значење за Скопје.

„Саскија Сасен преку своите истражувачки и авторски проекти се фокусира на глобализацијата – вклучувајќи ги социјалните, економските и политичките димензии, имиграцијата, глобалните градови, новите мрежни технологии и промените во рамките на либералната држава, кои произлегуваат од сегашните транснационални услови“, објаснуваат од МСУ.

Оттаму додаваат дека во своето истражување таа се фокусира на неочекуваното и контраинтуитивното како начин за дисрупција на утврдените „вистини“. Нејзините три значајни книги се обидуваат да ја уништат клучната утврдена „вистина“.

Истражувачкиот интерес на Ана Ивановска Дескова е насочен кон модернатаархитектура во Скопје, особено неговата постземјотресна обнова.

Во рамките на неформалната архитектонска група СКАРС (Студио за современа архитектура – Скопје) таа учествува на бројни локални и меѓународни архитектонски конкурси. Автор е на бројни истражувачки проекти и архитектонски изложби (Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје, Биографија на едно архитектонско дело – Телекомуникациски центар во Скопје, Скопските вертикали, Загрозени видови, Иднината како проект: Доксијадис во Скопје итн.).

Во 2008 и 2014 година е дел од авторските тимови кои ја претставуваат Република Македонија на Венециското биенале на архитектура. Во периодот 2015-2018 учествува во подготовката на изложбата „Кон вистинската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-80“ како член на кураторското советодавно тело. Во моментов работи како вонреден професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде предава Историја на модерната архитектура и Заштита на градителско наследство.