Скопје останува без единствениот колпортер на точак

Раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ во центарот на Скопје е местото каде во приквечерието може да наидете на 64-годишниот Благоја. Тој е единствениот продавач на весници на улица, односно колпортер, кој откако ќе продаде неколку примероци тргнува во поход и доставува околу 80-тина примероци на дневниот весник „Нова Македонија“ до нејзините претплатници, во центарот на градот, но и во населбата Карпош.

Велосипедот кој е неговото главно превозно средство најпрво го опремува со околу 100-тина примероци од весникот, кои лично ги подига од канцелариите на медиумот, па потоа ги мести по ред, согласно неговата рута која треба да ја помине вечерта.

Откако ќе продаде неколку примероци на раскрсницата во центарот на Скопје, тој повторно го подготвува велосипедот, истовремено проверувајќи и набројувајќи ги местата на кои треба да се достават по еден или неколку примероци.

Првите примероци завршуваат во Сојузот на стопански комори.

Примероци од весникот „Нова Македонија“ завршуваат и во ходникот на Сојузот на стопански комори / фото: Радио МОФ

„Ова рута е 15 километри да ја поминеш, не е зафрканција. Не е еден ден. Еден ден е лесно, нели. Еден, два, три, а ти цела година, тоа не е зафрканција“, вели накратко Благоја.

Неговата рута е генерално иста, но понекогаш претрпува и промени, ако некој откажал претплата или слично.

По канцелариите на Сојузот, рутата на Благоја продолжува низ центарот на градот. Извршители сместени во канцеларии на „Рекорд“, банки, амбасади и осигурителни компании. Некаде ги доставува „скришум“, под врати, а некаде ги доставува лично, упатувајќи им на корисниците и по некој позитивен збор за „убав“ и „среќен“ ден.

Откако ги достави примероците на весникот, мачките веднаш се завртеа околу Благоја / фото: Радио МОФ

Попатно, испланираната рута накратко се паузира. Причината за тоа е улична мачка која Благоја знае точно каде ќе ја најде. Храната која тој ја носи од дома набрзинка и ја остава на мачката, па продолжува по својата зацртана цел.

Благоја во оваа бранша работи веќе 20 години, додека со неговиот велосипед, како што објаснува, разнесува весници околу 10 години, во зима, лето, пролет и есен, без престан.

„Прво е топло (н.з. на лето), па дождови, па зимоска е зафрканција. Нема бе еве, ова е прв период. Мај, мај е најдобар, ова е идеално за работа, после се е зафрканција, ама чим го навикнеш, нели…“, вели тој.

фото: Радио МОФ

Во минатото, Благоја објаснува дека се продавале многу повеќе весници, правејќи споредба со сега, кога се продаваат околу 10-тина весници дневно, велејќи дека „таа бројка е ништо“. Низ смеа коментара дека тоа и за него е супер, затоа што има помалку работа.

Порано и сам ги читал весниците кои ги разнесувал, но, сега вели дека му е преку „глава“.

„Сега само прегледувам, што лично ме интересира“, вели Благоја.

Пред да ги достави весниците, Благоја ги проверува ситните ознаки каде се впишани локациите и претплатниците на весникот / фото: Радио МОФ

По 20 години во оваа област, Благоја во септември ќе се пензионира, и со тоа фактички, Скопје, но и целата земја ќе остане без единствениот разнесувач на весници на точак, бидејќи како што објаснува тој, другиот негов колега Марјан, заедно со неговиот син, исто така разнесуваат дневни весници, но тоа го прават со автомобил.

Мартин Колоски